Поставена втора катна платформа во планинарската кула на Титов врв

Планинарите од „Аргентус Моунт“ од Тетово кои веќе неколку години работат на реконструкција на планинарската кула на Титов врв,  изминатите две недели ја формираа втората катна платформа во внатрешноста со поставување на челични греди и табли.  За да се однесе материјалот, гредите и таблите, од мај во пет посебни акции, петмина планинари на раце однесоа раце шест челични греди со вкупна тежина од 198 килограми и четири табли со вкупно 60 килограми. Останатите 10 табли се донесени од страна на планинари од други клубови.

-На 20 и 21 јули 2019 година ние четворица планинари од ПК „Аргентус моунт“ направивме  бетонирање на шесте челични греди на втората катна платформа во Кулата. На 27 и 28 јули  истите луѓе со помош на планинарот Мирослав Аврамовски-Шулц со теренско возило до кота 2370 метри (подножје на Мал Турчин) однесовме дополнително 100 килограми градежни материјали и алат. Тоа потоа до врвот и до култа на 2747 се однесе на раце  со цел да се постават и таблите со што се формираше втората катна платформа, изјави Зија Јонузовски, секретар во клубот.

За изградба на втората катна платформа добиена е финансиска поддршка Федерација за планинарството на Северна Македонија-ФПСМ.

-Со тие средства набавени беа потребните пет челични греди од шест метри (ИПЕ профил 100) во вредност од 10.500 денари   и 13 водоотпорни шпер табли  во вредност  од 24.570 денари. За истакнување е донација  од фирмата „Металекс“ од Тетово во косопственост на планинарот Али Ислами од Тетово. Со негов придонес челичните греди беа повластено набавени, подготвени-исечени според потребните димензиите  во Кулата, потоа направени специјални отвори за зашрафувања како и заштитени со двократен специјален метален премаз. За истакнување е дека бесплатно со помош на ратрак во април материјалот беше однесен од Попова Шапка до котата 2370 со помош на хрватскиот државјанин Томислав Тишка сопственик на фирмата „Ескимо фрирајд“ потенцира Јонузовски.

Планинарите од Аргентус Маунт во 2016 година носејќи материјал на раце започнаа реконструкција на планинарската кула на Титов врв за да се спречи распаѓање. Во текот на овие години беа поставени врата, прозорци, панел за соларна енергија, реконструкција на камените ѕидови и многу други поправки. Планинарската Кула на Титов врв на 2747 метри надморска височина е изградена во 50-тите години на минатиот век како уникатно планинарско засолнште и  симбол на планинарството.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *