Д-р Мајк Зафировски – научник и претседател на „Македонија 2025“

 

majk1

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД

Организацијата „Македонија 2025“ е основана во 2007 година во Краун Поинт, Индијана, а канцеларијата во Скопје е отворена во 2011 година. Оваа организација има за цел да го поттикнува економскиот развој и привлекувањето на странските инвеститори во Македонија, а целта на нејзината мисија е Македонија во 2025 година да биде многу блиску до развиените земји во Европа. Мајк Зафировски кој е еден од основачите  на „Македонија 2025“ е познат светски бизнисмен, роден во Скопје во 1954 година

Во Бордот на директори на „Македонија 2025“ се: Робер Арсо, претседавач(чермен) на Бордот, Вера Арсоф заменик претседавач(чермен), како и коосновачите Мајк Зафировски, Џон И. Битов и Митре Кутановски. Во Одборот членуваат уште: Зоран Мартиновски, Живко Мукаетов, Крис Павловски, Игор Поповски, Питер Симеон, Џим Никополус, Роберт Стевановски и д-р Невенка Димитрова.

Овој пат ќе се задржиме на името и делото на Мајк Зафировски кој е еден од основачите  на „Македонија 2025“. Тој е познат светски бизнисмен, роден во Скопје во 1954 година. Високото образование го стекнал на Универзитетот „Единбург“ во Пенсилванија каде и докторирал. Кариерата ја започнал во американската компанија „Џенерал Електрик“. Извршувал високи менаџерски функции во повеќе големи светски компании како „Боинг“, „Моторола“, „Нортел“, а едно време бил советник на американскиот претседател Џорџ Буш за безбедност во телекомуникациите и технологијата. Сега е висок советник во „Блекстоун Груп“.

Мајк Зафировски е претседател и главен извршен директор на „Нортел“, светски лидер во иновативни комуникации и услуги што овозможуваат трансформација на бизнисот во светот. Откако се вработил во „Нортел“, во ноември 2005 година до денес, Зафировски ја продлабочил светската бизнис-експертиза со воведување одржливи бизнис-подобрувања што ја изградија иновативната сила на компанијата преку нови технологии кои носат единствени нивоа на персонализација, сигурност и мобилност во комуникациите.

Пред сегашната позиција во „Нортел“, тој беше претседател и главен оперативен директор на „Моторола“, од јули 2002 до февруари 2005 година, каде беше клучен играч водејќи до повторното појавување на компанијата на полето на иновациите, пораст на акциите и значителна профитабилност на сите шест бизниси. Зафировски влезе во „Моторола“ во јуни 2000 година, да го води бизнисот со мобилни апарати, кој за време на неговото раководење ја врати профитабилноста и го зголеми пазарниот дел преку воведување на нови постојни производи и кампањата за Мото брендирање.

majk2

Скопје

Пред неговата раководна улога во „Моторола“, Зафировски 25 години поминал во „Џенерал Електрик“, вклучувајќи 13 години како претседател и главен извршен директор на пет бизниси во индустриските, финансиските услуги и осигурителни бизниси. Пред тоа, тој имаше бројни главни позиции во финансискиот, ревизорскиот, маркетиншкиот и стратешкиот/бизнис развој на разновидните бизниси на „Џенерал Електрик“.

Зафировски дипломирал математика на Универзитетот „Единбург“ во Пенсилванија каде бил капитен на фудбалскиот и пливачкиот тим на колеџот. Во 2002 година Универзитетот „Единбург“на Зафировски му додели титула почесен доктор на науки. Тој во 2004 година го доби медалот на честа „Елис Ајленд“. Зафировски е член на Бордот на директори на „Боинг“.

Во октомври 2011 година, пак, Мајк Зафировски е именуван за директор на „Априа хелкткер груп“ водечка национална компанија од областа на здравствените услуги и е дел од портфолиото на компанијата „Блекстон Груп“, каде ќе биде виш советник. Во 35-годишната кариера Мајк Зафировски бил претседател, главен извршен директор и главен оперативен директор на „Нортел“, „Моторола“ и пет бизниси на „Џенерал Илектрик“ во техничката, индустриската, потрошувачката, финансиската и осигурителната област.

Дополнително на тоа, тој е сегашен член на Одборот на директори на „Боинг“,  а бил и член во повеќе одбори во различни компании и совети како во Соединетите Американски Држави, така и во Европа.

Зафировски изрази задоволство што ќе може своето искуство од другите индустрии да го сподели во здравството каде во наредните години ќе се имплементираат реформи.

Тој е, исто така, активен во неколку непрофитни организации, вклучувајќи ги позициите на потпретседавач во Академијата на лидерство во урбани школи (организација која ги унапредува најпроблематичните јавни школи во Чикаго), член на Одборот на директори на „Македонија 2025“.

Тој и неговата сопруга Робин се претседавачи на Родителскиот совет на Универзитетот „Дјук“ и член на Чикашкиот совет за глобални прашања. Во 2008 година Мајк ја прими наградата за Истакнат лидер од Њујоршката научна институција, а во 2004 година го прими медалот на честа од островот „Елис“. Овој медал од Македонија го имаат примено и Ѓорѓи (Џорџ) Томов и Ѓорѓија (Џорџ) Атанасоски.

Во врска со исполнувањето на целите за кои е создадена организацијата „Македонија 2025“ го вели следното:

„Основниот мандат на „Македонија 2025“ е да придонесеме во градењето на посилна Македонија, а тоа го постигнуваме така што помагаме во поврзувањето на компании и поединци, влијаеме на начинот на размислување и постапување, и, меѓу другото, генерираме напредни идеи. Неколку години по ред „Македонија 2025“ организира инвестициски самити и форуми каде што луѓето се поврзуваат, потоа неформални настани за вмрежување каде разговараме за идеи и решенија и за влијателни образовни програми.

Проактивни сме во визуелизирањето на динамична, агилна бизнис-екосфера, но имаме предвид дека се работи за огромни цели чие остварување е долг и трансформативен процес“ и продолжува: „Во средината на месец мај 2015 година заврши десетдневната, интензивна програма за развој на лидерски, деловни и аналитички вештини во бизнисот наречена ЛИДЕР проект. Програмата ја посетија четириесет учесници кои ни дадоа одличен фидбек, со многу позитивни коментари.

majk3

Њујорк

На 26 јуни 2015 година, организиравме бизнис-форум во Париз, каде се обидовме на едно место да донесеме многу успешни македонски професионалци и нивните пријатели од Европа. Во септември организиравме гала-вечера во Охајо на која  присуствуваше поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џорџ Буш. Целта на вечерата беше да ја анимираме дијаспората во САД да донира средства што ќе бидат наменети за нашите образовни програми.

Во врска со периодот за инвестирање во Македонија, Мајк Зафировски, меѓу другото вели: „Република Македонија има позитивни глобални рангирања за водење бизнис, а економијата има солиден раст и развој. Во Македонија живеат посветени луѓе кои работат на привлекување на директни инвестиции од странство, а резултатите се очигледни.

Организацијата „Македонија 2025“ помага во процесот на привлекување странски инвестиции со голема посветеност, бидејќи гледаме дека од нашата работа има видливи резултати. Организацијата располага со контакти на кои влијаеме во корист на зголемување на интересот за потенцијално инвестирање. Благодарение на тоа што го работиме, досега ни биле отворени вратите во многу значајни компании.

Ние поттикнуваме и учествуваме во тековни дискусии со потенцијални инвеститори од дијаспората за кои се надеваме дека ќе одлучат позитивно за влез во Македонија. Забележавме дека професионалците со потекло од нашата земја се интересираат да ги пренесат нивните деловни процеси овде, а ние ги поддржуваме во тие обиди.

Во Македонија запознав многу способни, иновативни и образовани млади луѓе кои се добар поттик за странските инвеститори. Македонија е извор на таленти со кои се гордееме. Во секој случај, потенцијалните инвеститори ги земаат предвид добрите карактеристики само доколку Македонија покаже капацитет за долгорочна стабилност. Ние ги следиме последните збиднувања и веруваме дека свеста и мудроста на луѓето ќе се издигнат над сите други предизвици со кои се соочува земјата“.

Во врска со инвестирањето на дијаспората во во Македонија, Зафировски изјави:

„Дијаспората во Македонија испраќа значителен износ на финансиски средства. Луѓето ги користат овие пари за да ги плаќаат секојдневните трошоци или за да заштедат. Но според истражувањата на одредени финансиски институции, само мал дел од овие пари е наменет за инвестиции. Ова ни покажува дека парите од дијаспората ја поддржуваат економијата на Македонија и дека, од друга страна, има потенцијал за тие пари да бидат инвестирани.

Во Македонија не постои традиција на големи капитални инвестиции што доаѓаат од дијаспората, како што е случај со други земји. Инвестирањето бара време, финансиска експертиза, инфраструктура и други важни предуслови. Повеќето претставници од дијаспората кои не контактираат се заинтересирани да инвестираат во отворање на мали и средни компании во Македонија. Затоа земјата треба да изгради стратегија на привлекување и поттикнување на инвестиции од малите и средните компании. Тие се мошне значајни за долгорочен развој“.

majk4

„Македонија 2025“ нема свој инвестициски фонд бидејќи тоа не е дел од работата на организацијата. Но, во тој поглед, ние го инициравме, го промовиравме и на индивидуална база учествуваме со инвестиции во Фондот СЕАФ Мак 2. Во моментов има 8 успешни бизнисмени со македонско потекло кои инвестираа. Фондот ќе реализира инвестиции во средни компании кои имаат стратегија за развој на бизнисот и план за извоз на странските пазари. Дополнително, ја поддржуваме и платформата Homestrings.org која овозможува да се инвестира со помали износи како и следење на состојбата на Фондот. Знаеме дека неколку Македонци од дијаспората веќе инвестирале преку интернет.

Ова е прв ваков Фонд во светот, каде УСАИД дава гаранција за инвестираните средства. Македонците од дијаспората треба да ја разгледаат оваа опција и да инвестираат во портфолиото со неколку надежни мали и средни компании во Македонија“, нагласува Мајк Зафировски, еден од главните личности на „Македонија 2025“.

Продолжува

slave

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

401 thoughts on “Д-р Мајк Зафировски – научник и претседател на „Македонија 2025“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *