Оптимистички последните случувања за решавање на името, сметаат од НАТО

Последните случувања во однос на прашањето за името се оптимистички и ние ги поддржуваме натамошните напори за изнаоѓање решение, изјавил висок претставник на НАТО за грчкиот весник „Етнос“.

Според претставникот на НАТО, се уште е рано да се каже дали Македонија ќе се најде на агендата на Самитот на НАТО во јули. Потсетува дека членките на Алијансата веќе постигнале согласност Македонија да биде примена во полноправно членство штом се најде заеднички прифатливо решение за името со посредство на ОН. Претставникот на НАТО, сепак, посочува дека одлуките во Алијансата се носат едногласно и затоа е неопходно зелено светло и од Грција.

„Етнос“ наведува дека оваа изјава доаѓа само ден пред посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Скопје и новата рунда преговори за името во Њујорк. Притоа се посочува и на ставот на НАТО дека е неопходно зацврстување на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан имајќи ги предвид геополитичкиот развој на настаните, обидите на Русија за поголемо влијание и постоењето екстремни исламистички организации во регионот.

– Остануваме посветени на зачувување на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан. НАТО ги поддржува евроатлантските амбиции на земјите од регионот, како и нивниот демократски развој и владеењето на правото. Вратите на НАТО остануваат отворени за сите земји што ќе ги исполнат условите, изјавил претставникот на Алијасната за „Етнос“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *