Почна регулацијата на дел од коритото на Сува Река во Гевгелија

Во Гевгелија почна реализацијата на проектот за регулирање на дел од коритото на Сува Река за кој Општина Гевгелија преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција доби повеќе од половина милион евра.

Проектот всушност претставува продолжување на активностите за заштита на реката Вардар и на целиот прекуграничен регион од загадување, во кој партнер на Општина Гевгелија од македонска страна е јавното комунално претпријатие „Комуналец“, а од грчка страна се универзитетот „Аристотелу“ од Солун и водостопанските претпријатија од општините Пеонија и Халкидона.

-Опфатноста на проектот за нас е многу важна затоа што предвидува регулација на дел од коритото на Сува Река во јужниот дел од урбанизираната градска зона во должина од 600 метри како најкритичен дел од коритото, кој при обилни врнежи се излеваше и предизвикуваше штети на блиските станбени објекти. Реализацијата предвидува формирање на минор корито за регулација, седум каскадни прагови и заштитни насипи со кои дното и бреговите на реката ќе бидат соодветно обликувани, рече денеска градоначалникот Сашо Поцков по повод означувањето на почетокот на градежните работи.

Градежните работи за регулација на дел од коритото на Сува Река ќе ги изведува компанијата „Еуроинг“ од Гевгелија која има обврска проектот да го реализира до април идната година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *