Заев: Се справивме со антиквизацијата, ќе продолжам да зборувам за мир и соработка на Балканот

Ако сме за Европската Унија и НАТО навистина треба европски да се однесуваме, вистински да зборуваме, отворено за сè и во секое време да бидеме конзистентни зад ставовите зад коишто стоиме, истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање поставено од пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ.

– Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и ги поврзуваат нациите овде во Балканот, затоа што ако сме за ЕУ и НАТО навистина треба европски да се однесуваме. Вистински да зборуваме, отворено за се и пред тоа да бидеме транспарентни во секое време и конзистентни зад ставовите зад коишто стоиме, истакна Заев.

Заев ги праша пратениците од опозицијата каде биле кога се правеше идентенски инженеринг врз основа на антиквизацијата во Републикава. – Кога Груевски и неговата политичка елита и нивните послушни квази – експерти трчаа во медиумска офанзива да го оправдат идентетскиот инженеринг. Каде бевте, кога Груевски и неговата пропаганда спроведоа идентетски инженеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален идентитет. Сроведоа масовно и масивна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да не скараат со сите соседи, рече Заев.

Им успеа, како што рече Заев, преку тоа цела деценија да не држат во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети ЕУ и НАТО и го уназадија и го блокираа целиот процес.

– Воопшто немаше средби во обид да се одблокираат нашите интеграциски процеси. И додека го правеа тоа зад таа димна завеса ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата. Јас ја вложив и тогаш и до ден денеска целата моја политичка сила за да решавам прашање за сите и за иднината, рече Заев.

Пратеничката Манаскова на собраниската седница упати и прашање до министерот за надворешни работи Никола Димитров за неговиот став околу припадноста на Гоце Делчев.

– Ако го гледаме животот и делото на херојот Гоце Делчев, тој се родил во место што денес е во Грција и учел гиманзија таму. Се школувал во место кое е во денешна Бугарија, бил учител во место кое е во денешна Северна Македонија во Штип и мислам дека напорот е да најдеме перспектива која ќе може да не обединува. Ако овој процес се води мудро и внимателно ќе резултира кај нас од една страна со поголема самодоверба да се свртиме кон назад и од друга страна во сегашноста нашите соседи да не прифатат такви какви што сме, македонски народ кој зборува македонски јазик, тоа е кодификуван во 1945 година со АСНОМ, тој јазик е составен од локални дијалекти што се говореле, рече Димитров.

Според него, колку повеќе ова се користи во политичката битка дали кај нас или кај нив толку потешко ќе излезе еден зрел и позитивен резултат од овој процес.

– И тука има две опасности. Ако не се посветиме кон процесот сериозно, тогаш се разбира од една страна нема успех, меѓутоа и од друга страна ако има притисок ако нема доволно простор за зрела дебата во научната јавност, во општествената јавност, ако има преголемо брзање, пак може да се прекрши овој процес. Јас сум убеден дека за нас ова е здрава работа. Здрава работа е да се соочиме, здрава работа е на пример да ги објавиме оригиналите на писмата на нашиот херој Гоце Делчев што е толку длабоко вткаен и во нашата државност преку првиот Илинден и во нашата посебност. Човек кој со вториот устав на ВМРО имал таква визија да ги повика сите други народи што живееле на нашата територија за ослобудување, вели не од Турците, туку од начинот на владеење. Човек кој го знаеме по тоа што кажал „светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите“. Тоа е мојот став и така се обидувам да пријдам на оваа работа, истакна Димитров.