Концерт на гитаристката Елена Папандреу вечерва на „Охридско лето“

Фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува со содржина од музичкиот дел, со вечерашниот концерт на грчката уметничка на гитара Елена Папандреу.

Папандреу настапува во повеќе од 40 земји во Европа, Северна и Јужна Америка, а како една од уметниците на програмата „Нови ѕвезди“ на Асоцијацијата на концертни сали на Европа добива можност да настапува и во најпрестижните концертни сали во Европа: „Музикферајн“ во Виена, Филхармонијата во Келн, „Симфони хол“ во Бирмингем и концерната сала во Атина. Настапува и во концертната сала „Чајковски“ во Москва и салата „Кралица Елизабета“ во Лондон. Во 1998 година дебитира во „Карнеги хол“ во Њујорк.

Соработува со признати музичари меѓу кои гитаристите: Оскар Гилиа, Алирио Дијаз, Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Евангелос Будунис, виолинистот Леонидас Кавакос и виолончелистот Леонид Горохов.

Папандреу настапува како солист со оркестри во Грција, Италија, Романија, Турција, Мексико и Сингапур со диригентите: Даниеле Гати, Лан Шуи, Паул Чианг, Кристијан Мандеал, Митос Логиадис, Василис Христопулос и др. Меѓу композиторите кои ѝ посветуваат дела се: Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Никос Мамангакис, Гиоргос Кумендакис и Евангелос Будунис. Елена Папандреу е професор на универзитетот во Солун, Грција.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21 часот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *