Ликовна изложба – 60 години творештво на битолчанецот Панде Петровски

 Долгогодишната кариера и творештво на ликовниот уметник Панде Петровски, синоќа беше потврдена со ретроспективна изложба на која во битолскиот Музеј се експонирани 100 авторски дела.

Во присуство на заменик министерот за култура Владимир Лазовски, претставници на културната јавност и пријатели на авторот, градоначалникот на Битола Наташа Петровска истакна дека ликовниот уметник Панде Петровски оставил голем белег како во битолската, така и во македонската уметност.

-Уметникот Петровски, 60 години со варијации на тема, низ бои и слики го слеал пулсот на Битола. Благодарам за се што досега направивте за нашиот град и убедена сум дека ќе продолжите на сликите да оставате многу наши емоции, тоа што ние битолчани од секогаш сме го имале, нагласи градоначалничката Петровска на синоќешната свеченост во овој град.

За делото на Панде Петровски говореа писателот Панде Манојлов и етнологот Валентин Соклевски, а награда за животно дело на Петровски му доделија од Друштвото на ликовните уметници од Битола.

-Уметниците говорат со ликовниот говор, со ликовни моменти…секогаш сум бил инспириран, а верувам дека така ќе биде и понатаму бидејќи сега имам силна конкуренција во мојата малечка внука која е голем ликовен талент, рече меѓудругото Петровски на ретроспективната изложба мотивирана од 60 годишното авторско творештво.

Ликовниот уметник Панде Петровски е член на ДЛУМ и ДЛУБ, како и на Македонско научно друштво-Битола, во својата кариера приредил над 30 индивидуални изложби и е добитник на меѓународни, национални и локални признанија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *