Влатко Стефановски и Филхармонија на отворањето на „Десет дена Крушевска република“

Националната филхармонија ќе настапи на „Гумење“ во Крушево на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ на 1 август 2019 година.

Како што соопшти Општина Крушево, манифестацијата вечерта на први август ќе почне со настапот на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, а по нивниот настап и изведбата на албумот „Крушево“, ќе настапи Филхармонијата.

Според целосната програма, на 31 јули од 18 часот е пречекот на коњаницата во центарот на Крушево. На први август вечерта на „Гумење“ е настапот на Влатко Стефановски и на Мирослав Тадиќ, а потоа и на  Македонската филхармонија.

На 2 август по централното одбележување на Мечкин Камен, во вечерните часови ќе настапи Здружението на пензионери од Крушево. На трети август е целодневната програма за одбележување на унгарската култура со полагање венци на спомен-плочата во чест на бегалците од 1956 година кај детското одморалиште „Шула Мина“, промоција на книгата посветена на бегалците  од 1956 година „Под пазувите на коријата“ во Домот на културата во Крушево. Вечерта е настапот на народен оркестар и на фолклорна група на градскииот плоштад во Крушево.

На четврти август, според програмата, ќе се одбележи влашката култура со полагање цвеќе на гробот на Тоше Проески, трибина за пописот, со промоција на ЦД со влашки песни, како и со презентација на книга пред почетокот на вечерта на влашки песни

На 5 август 2019 година е отворањето на Светското првенство во параглајдерство, ќе настапи групата „Фолтин“, а концерт ќе има и Влатко Груевски – тенор со наслов: „Трибјут за Тоше Проески“.

На 6 август ќе настапи хорот „Злата Мегленска“, а за седми август е театарската претстава „Првин ќе ме земеш, па после ќе ме…“ и претставата за деца „Зеленковци“ на Театар Провокација.

– На осми август во Крушево ќе настапи групата „Бона Деа“, на деветти август се настапите на „Шербет“ и ди-џеј Галоски, а на 10 август е настапот на Викторија Лоба, информираат од Општина Крушево.