Во Прилеп одбележани 62 години од смртта на Методија Андонов – Ченто

Со положување цвеќе денеска во Прилеп, пред споменикот во центарот на градот, беше одбележана 62-годишнината од смртта на Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на президиумот на АСНОМ.

Пред споменикот се поклонија делегации на локалната самоуправа, на Сојузот на борците и на политички партии.

Според градоначалникот Илија Јованоски, големиот борец, револуционер и државник, Методија Андонов – Ченто остави трага во државничкиот, политичкиот и во народниот живот. Јованоски смета дека случајот со правнукот на Ченто нема никаква врска со одбележувањето, а не знае зошто не присуствуваше неговото семејство.

-Со години се бореше за нашата држава. Успеа да биде првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и остави длабоки траги за сите наши идни генерации. Случајот со правнукот на Ченто нема никаква врска со делото на Ченто. За чествувањето известено беше неговото семејство, но не сум информиран од кои причини не присуствуваше, рече Јованоски.

За претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески, власта е лицемерна.

– Навистина сум посебно горд, бидејќи како ВМРО-ДПМНЕ стоиме на патот кој го трасирал Методија Андонов-Ченто, работиме на остварување на идеалот за кој тој живеел и се борел, самостојна, суверена, независна и силна Република Македонија. Но, морам да го изразам моето огромно незадоволство од лицемерието на политичарите од власта. Тука се, со една рака положуваат цвеќе на споменикот од Ченто, а со друга рака потпишуваат распродавање на македонските национални интереси. Сега му ја кројат судбината и на неговиот правнук Јане Ченто, кој, борејќи се за истиот идеал на својот прадедо, сега отслужува затворска казна, изјави Ристески.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *