Во Скребатно в сабота традиционалната манифестација „Охридска софра“

Претстојниот викед, поточно во сабота на 27 јули во излетничкото место Скребатно по седми пат ќе се одржи традиционалната манифестација „Охридска софра 2019“.

На манифестацијата осмислена како своевидна гурманско-туристичка атракција ќе се одржува натпревар во приготвување на локалниот специјалитет – ѓомлезе. Станува збор за македонско традиционално јадење, симбол на кулинарството во Охрид и Струга, а сите присутни ќе можат да гледаат како се приготвува, а потоа и да го дегустираат.

Од 8:00 часот наутро натпреварувачите ќе почнат да ги палат ѓомлезарските огнови, бидејќи за приготвување на јадењето се потребни повеќе часови, а официјалниот почеток на манифестацијата е од 10:00 часот.

Во текот на неколкучасовната програма готвачите од Гастромак ќе приредат специјално „Cooking Show”, специјална жири-комисија ќе ги дегустира и оценува подготвените ѓомлезиња, а победникот ќе го каже рецептот за специјалитетот. Предвидени се уште неколку гурмански изненадувања, кои организаторот ги чува како тајна за посетителите на настанот. За забавниот дел од манифестацијата ќе се погрижат дуетот Селимова – Желчески и Ансамблот „Билјана“.

Самата манифестација „Охридска софра“ се организира како активност насочена кон промоција на алтернативниот туризам во Охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *