Земјоделците од Карбинци бараат распределба на околу 500 хектари земјиште

Земјоделците и сточарите од неколку села во Општина Карбинци бараат околу 500 хектари слободно државно земјиште да им се распредели. Барањето им е да се распише оглас за распределба од три до пет хектари на заинтересираните земјоделци и сточари од карбинските села. Сметаат дека со оваа земја ќе можат да егзистираат, но и ќе ги мотивираат маладите земјоделци и сточари да останат во своите села и да ја обработуваат земјата и да одгледуваат овци, крави и кози.

Војислав Ристов, земјоделец од село Таринци, забележува дека со овој начин на распределба ќе имаат бенефит и државата, но и земјоделците од карбинската општина.

Младиот земјоделец од селото Караорман, Мијалче Ташков додава дека ова е шанса младите да се задржат во селата и да ги обработуваат нивите, а не, како што вели, да одат и да работат за плати од 15.000 денари или пак да заминат во странство.

Градоначалникот на Општина Карбинци Јордан Насев на земјоделците и сточарите им даде поддршка и смета дека барањата на жителите од населените места во Општина Карбинци се реални. Тој забележа дека доколку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сака да им изелезе во пресрет на земјоделците, распишувањето на огласот треба да го реализира веднаш, со цел да се реализира до есенската сеидба. Според земјоделците, станува збор за околу 500 хектари земјиште, од кое дел е узирпирано, а дел е обраснато со трева и стои необработено.

Од Кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека веќе се работи на овој случај.

– Слободното земјоделско земјиште во атарот на селата Караорман и Карбинци се планира да биде предмет на Јавен оглас во текот на 2019 година. Ова земјиште до сега на можеше да биде предмет на Јавен оглас, односно повик, бидејќи беше предмет на судска постапка, која сега е завршена со правосилна судска одлука, се вели во одговорот од МЗШВ.