Сетот закони за реформи во безбедносно-разузнавачкиот систем, кои се спроведуваат согласно препораките на Рајнхард Прибе, со акцент на реформирање на системот за следење на комуникациите се на дневен ред на денешната 30. седница на Собранието.
Два нови закони треба да поминат во овој пакет, Предлог-законот за формирање на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која ќе биде медијатор меѓу овластените корисници и операторите во процесот на прислушување и Предлог-законот за следење на комуникациите.
Во пакетот реформи на прислушувањето, освен законите за ОТА и за следење на комуникациите се и предлозите за дополнување или измени на законите за класифицирани информации, за електронските комуникации, за извршување на санкциите, за јавното обвинителство, за јавнообвинителска служба, за судовите, за кривичната постапка.
Овие закони се еден од трите столба во реформскиот процес, како што објави претходно МИА, кој го спроведува Владата во насока на исполнување на препораките на Прибе, заедно со реформите во правосудството и администрацијата.
ОТА се очекува да почне со работа од ноември 2018 година, а дотогаш од 1 јуни за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување на евентуални злоупотреби веќе се грижи специјален подофицер, со свој тим.
МВР засега не соопштува каде ќе биде сместена ОТА, колку вработени ќе има, ниту да ги изнесат финансиските импликации за спроведувањето на овие реформи.
На овие реформи интензивно работеше меѓуресорската работна група, во која имаше и членови на опозицијата, кои навремено биле информирани за сите измени и според извори од МВР соработувале во креирањето на овие реформи.
За реформите е склучено стратешко партнерство со хрватската служба, која е креирана по пример на британската.
ОТА е прв чекор во воспоставување на взаемна контрола меѓу субјектите, кои учествуваат во процесот на следење на комуникациите. Тоа значи дека МВР нема да може само да следи, како што беше досега преку Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање. Иако е издадена наредба од суд, таа ќе мора да оди преку ОТА, која, пак само ќе има право да конектира, но не и да ги слуша разговорите.
Во новото законско и оперативно решение прифатена е забелешката свичовите да се извадат надвор од УБК. Тоа се медијациските уреди што овозможуваат комуникација меѓу сигналот и провајдерите и техника за следење на комунукациите.
Улогата на ОТА ќе биде само техничка. По добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот односно барателот на услугите. Нема да може да собира податоци, да слуша, ќе може само да го вклуча сигналот.
Сигналот го пренасочуваат кон корисникот кон барателот, тој пак ќе може само да слуша да собира податоци, нема да може да приклучува.
Предвидено е зајакнување на контролниот механизам на следењето на комункациите. Дури и еден член на собраниската комисија, да побара да изврши контрола, таа ќе може да се направи и без претходна најава.
Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија во Парламентот. Ќе може да вршат надзор без најава.
Во контролата, како што е содржано во предлог законот за следење на комуникациите, се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.
Новина е Советот за граѓанска контрола, што дополнително треба да биде формиран. Советот за граѓански надзор ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието. Нивниот мандат ќе биде три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот.
Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките.
Со ОТА ќе раководи директор избран од Собранието за период од пет години без можност за реизбор, а на предлог на Комисијата за именување и разрешување. Предвидено е агенцијата да има и заменик-директор.
Евентуалните санкции за вработени во ОТА, кои би ја злоупотребиле својата позиција, ќе бидат содржани во Кривичниот законик, односно во измените што треба да се донесат во оваа сфера.
Во однос на забелешката дека всушност сега УБК ќе се префрли во ОТА, министерот за внатрешни работи Оливер Спсасовки вели дека дека најмногу седум луѓе од УБК ќе може да трансферираат во новоформираната агенција.
Дел од сетот закони се реформите во делот на работата на полицијата. На дневен ред на собраниската седница се и предлозите за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, кои се однесуваат на контролата врз работата на полицијата, со воведување надворешна контрола.
Пратенците ќе го разгледаат и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, кој има цел ел да се стави под контрола примената на средствата за присилба од страна на полицајците.