Хотелиерите подготвени за успешна туристичка сезона, сместувачките капацитети исполнети

Сместувачките капацитети на охридско-струшката ривиера се исполнети. Во хотелите се бара место повеќе, а од викендов се очекува максимална исполнетост и на приватното сместување, информира претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

Според него, како што се доближува август и шпицот на туристичката сезона, се бара соба повеќе, како во хотелите, така и кај приватните станодавци. Тоа се забележува и по гужвите на патиштата и патарините. Најбројни гости и оваа сезона се Холанѓаните, а веднаш по нив се турските туристи застапени во кружните тури.

-Овој викенд имаме голема побарувачка од домашните гости. Добрите временски услови придонесоа голем интерес кај македонските граѓани да посетат еден од туристичките центри. Се очекува и приватните капацитети добро да се наполнат, изјави Блажески за МИА.

На ривиерата традиционално се застапени и гостите од соседството, но не во голем број. Причината за тоа угостителите ја гледаат во лошата патна инфраструктура.

-Реалната слика со патната инфраструктура ја гледаме како граѓани, а истото го гледаат и туристите. Поврзаноста со автопатишта на туристичките центри во други земји ги прави Охрид и Струга помалку атрактивни за соседите, вели Блажески.

Сликата со реконструкција на патиштата и застој во сообраќајот во екот на туристичката сезона се повторува и годинава.

-Реално, работиме по цела година и години наназад, но нема резултати. Тоа е исто како кога се спремаме за испит учам, учам ама на крај не можам да положам. Тоа се случува со инфраструктурата. Сите учиме заедно. Со политичките партии се критикуваме, даваме пофалби, но на крај го гледаме резултатот, не сме го положиле испитот. Тоа треба да ни послужи како пример за во иднина, посочува Блажески.

Освен богатата природа, езерото, историските локалитети, гостите ги привлекуваат и културните манифестации, како и забавите, кои се најактуелни на почетокот од август, а хотелиерите апелираат забавите да се дисперзираат, односно да не се прават сите во ист временски период.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *