Југоисточниот плански регион ќе реализира проект од ИПА програмата

Во наредните две години Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе го реализира проектот за уредување на дел од коритото на реката Сушица во општина Радовиш во должина од 624 метри, чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното, градење скали и рампи.

Проектот е со вкупна вредност од 587.931 евра. Доделен е преку Interreg-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

-Ваквите активности ќе овозможат да се уреди коритото на реката, а ќе се изврши и пошумување и озеленување околу коритото со што ќе се направат чекори кон намалување на негативните последици од поплавите, како и кон прилагодување на климатските промени во иднина. Исто така, ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните во прекуграничниот регион преку зголемување на безбедноста од природни катастрофи, информираат од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Проектот е дел од заедничкиот македонско-бугарски проект „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“ кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион како проектен партнер ќе го имплементира заедно со општина Сандански од Република Бугарија, како водечки партнер на проектот.

Инаку, договорот е доделен на официјална церемонија во министерството за регионален развој и јавни работи во Софија, Република Бугарија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *