Платата само за режиски трошоци и основни потреби

Државниот завод за статистика излезе со податок дека просечната месечна нето плата во октомври изнесува 23.356 денари и е зголемена за четири проценти во споредба со октомври лани. Октомвриската просечна нето плата е зголемена и во однос на септември, но прашањето кое се наметнува е дали таа е доволна за просечниот Македонец да ги плати месечните сметки и да ги задоволи своите основни потреби.

Ако се направи една обична пресметка за месечните трошоци, тогаш ќе се види дека за режиски сметки, Македонецот троши околу шест илјади денари, за превоз три илјади денари, а за лична хигиена и одржување на хигиената во домот две илјади денари. За храна и пијалоци му остануваат уште околу 12 илјади денари со кои треба да го помине месецот што е малку со оглед на животниот стандард и постепеното зголемување на цените и услугите.

– Платата не е доволна за достоинствен и стабилен живот. Со сегашните приходи иако сам, без семејство, е потребно сериозно планирање и менаџирање на средствата за задоволување на основните месечни побарувања. Кога ќе се одземат пари за сметки, превоз, храна и неколку културни настани во месецот, остатокот не е доволен за задоволување на секундардните потреби како обновување на гардероба, одржување на домот, автомобилот…… Од досегашното лично искуство можам да кажам дека штедењето и инвестирањето во некои „безбедносни фондови“ се изедени и одат за кредити и кредитни картички, вели Александар од Скопје.

Сличен став имаат и во Сојузот на синдикати на Македонија каде на месечно ниво се објавуваат податоци за минималната синдикална кошничка. Оттаму велат дека анализите покажуваат оти во октомври македонските семејства само за да ги задоволат минималните потреби за храна требало да потрошат 57,53 проценти од просечната нето плата, а европскиот просек е под 30 проценти.

– Ова покажува дека работникот, ако ја прима просечната плата која е исплатена во октомври во износ од 23.356 денари, со неа ќе подмири 72,26 проценти од најнеопходните потреби на неговото четиричлено семејство. За да ја обезбеди вкупната вредност на производите и услугите вклучени во пресметката на кошницата му недостигаат уште 38,39 проценти или 8.966 денари, појаснува претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Најновите податоци што ги има ССМ за синдикалната минимална кошничка покажуваат дека во декември на едно четиричлено семејство му се потребни 13.435 денари за храна и пијалоци, 10.496 денари за домување, 2.289 денари за хигиена и 2.339 денари за превоз. Остануваат 2.160 денари за облека и обувки, 1.070 денари за културни активности и само 683 денари за одржување на здравјето.

Во прилог на ова одат и најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика, според кои трошоците на живот минатата година пораснале за 1,4 проценти во споредба со 2016 година, а цените на мало за 3,2 проценти.

Македонија заостанува од сите држави во поранешна Југославија по исплатена нето плата. Направените истражувања покажуваат дека највисока плата имаат Словенците, додека пред Македонија се сите останати држави од поранешна Југославија. Колку за споредба во Македонија просечната плата е околу 380 евра, а во Словенија месечно во просек се исплатуваат по 1.050 евра. На второ место се Хрватите со речиси 800 евра, Црногорците со околу 500 евра, по што следуваат Босна и Херцеговина со 433 евра и Србија со околу 400 евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *