Во Кочани почна акција за отстранување на хаварисани и други возила од улиците и тротоарите

Општина Кочани почна акција за отстранување на хаварисаните возила од јавно-прометните површини, поради што веќе упати јавен повик до граѓаните, кои се нивни сопственици, да ги отстранат во најкраток можен рок.

Во повикот стои дека со акцијата ќе бидат опфатени сите нерегистрирани, хаварисани возила, запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки, приколки и камп-приколки кои се оставени на јавните сообраќајни површини, улиците, тротоарите, паркинзите, како и на зелените површини.

– Сите граѓани кои ги оставиле своите возила подолг период на јавни места задолжително треба да ги отстранат, затоа што ќе се постапува според законските прописи, односно ако во рок од 30 дена возилото не биде подигнато, тоа ќе биде отуѓено на начин пропишан со закон, а трошоците ќе бидат на товар на неговиот сопственик. Истата обврска се однесува и на возила кои имаат налепница или известување дека се продаваат, а  се паркирани на улиците или паркиралиштата. Доколку возилата кои подолго време зафаќаат јавно-прометни површини не бидат отстранети, инспекциските служби во соработка со Полициската станица – Кочани ќе реагираат според соодветната законска регулатива, истакнуваат од одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Паралелно со повикот, комуналниот инспектор ќе врши контрола на теренот и ќе доставува решенија до сопствениците во рок од 15 дена да ги отстранат возилата. Потоа ќе следува акција со која овие возила ќе бидат подигнати од јавно-прометните површини и транспортирани во стопанскиот двор на комуналното претпријатие „Водовод“.

Акцијата на локалната самоуправа е со цел да се подобрат условите за нормално одвивање на сообраќајот, како и да се ослободат тротоарите и другите јавни површини и да се подигне степенот на јавната чистота.