Завршуваат подготовките за „Пивофест 2019“

Завршуваат подготовките за утрешниот почеток на 17. „Пивофест 2019“.  Се поставува главната бина која до крајот на денот ќе биде готова, а се уредуваат и штандовите за пиво и скара.

Фестивалот ќе трае од 18 до 21 јули.

Како што рече на денешната прес-конференција градоначалникот Илија Јованоски, нема дилеми дека Прилеп ќе има уште едно успешно издание на „Пивофест“.

– Безбедноста е на задоволително ниво и во овој момент не постојат никакви пречки за успешна организација на „Пивофест“. Убеден сум дека сите посетители, нашите сограѓани и гостите од другите градови и држави, ќе имаат добра забава. Годинашниов Фестивал ќе биде поразличен од досегашните, зашто ќе има дополнителни програми. На алтернативни места и сцени ќе има музички настани кои ќе бидат на високо ниво и верувам дека на крајот, во недела навечер, сите ќе заминеме задоволни од она што се случувало изминатите четири денови, истакна Јованоски.

В.д директорката на прилепски „Комуналец“, Ирена Станкоска, нагласи дека претпријатието е максимално подготовено да ја одржува чистотата за време на Фестивалот.

– И покрај неповолните временски прилики, ЈКП „Комуналец“ целосно ќе одговори на потребите на Фестивалот. Забрзано се работи и веќе е при крај средувањето на сите влезови во градот, а максимално ќе одговориме и на потребите на кампот во Паркот на револуцијата. Во текот на сите фестивалски денови ќе работиме непрекинато. Во центарот на градот ќе бидат ангажирани 70 вработени во јавното претпијатие. Со работа ќе почнуваме во три часот наутро и најдоцна до осум часот, централното градско подрачје ќе биде комплетно исчистено и уредено, нагласи Станковска.

И Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе одговори на сите барања за време на фестивалот, рече директорот Емил Јанески. – Изградени беа водоводни и одводни линии до секој штанд, а  комплетирани се и екипите што ќе бидат на теренот 24 часа за отстранување на секој проблем кој евентуално би се појавил за време на одржувањето на манифестацијата, рече Јанески.

Раководителот на секторот за паркинзи и јавен градски превоз при ЈП ПУП, Илија Иваноски, истакна дека оваа година се воведува нов принцип на паркирање на возилата.

-Сите возила што ќе дојдат за време на „Пивофест“ ќе бидат паркирани на периферијата на градот за да се растовари централното градско подрачје, а не како досега тие да се паркираат во центарот на градот. На тој начин, послободно ќе може да функционира и градскиот сообраќај, но и возилата на Итната медицинска помош, на полицијата и на противпожарната единица, додека во договор со основните и средните училишта, ќе ги користиме и нивните паркинзи, напомена Иваноски.

Во четирите фестивалски дена ќе настапат познати музички изведувачи од земјава и од регионот.  „Пивофест“ ќе почне со настапи на „Прилепски еснаф“, дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а вечерта ќе заврши со настапот на рок-групата „Галија“. В петок, на 19 јули ќе настапат Ален Хасановиќ, Милер Кузманоски, Кантурови и на крајот Светлана Ражњатовиќ-Цеца. В сабота на 20 јули термините се резервирани за „The Hounds“, Влатко Стефановски-трио, Фрајле, а в недела, на 21 јули, на последниот ден од Фестивалот настапуваат „Бен Хур“, „Кал Бенд“ од Блеград кој изведува џипси-рок низ цел свет. Ќе настапи и балканската ѕвезда Даниела Мартиновиќ и на крајот е настапот на „Cyrillic“.

На Фестивалот ќе има преку 20 штандови, а се ќе биде поставено на повртшина од 4.131 метар квадратен.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *