Учеството на министерот за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата на „Економист“ во Атина беше прва можност да оствари контакт со членови на новата грчка влада, но и да ги чуе нивните ставови за европската перспектива на Балканот, како и за Договорот од Преспа.
Димитров, заедно со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис и министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, учествуваше на панел дискусија на која грчките министри акцентот го ставија на имплементацијата на договорот како можност за подобра иднина и корист за двете земји.
За впечатоците од првото патување во Атина по изборите во Грција, но и за впечатоците од првите контакти со членовите на новата грчка влада, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров говори за МИА, на само неколку часа пред да замине за Скопје по целодневните активности, контакти и средби за време на конференцијата на „Економист“.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека ќе биде потребно да се работи на градење доверба, изразува надеж дека започнатиот ритам на средби со претходната, ќе продолжи и со новата влада, коментира дека не би требало да го блокира почетокот на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ, туку напротив да го поддржи и потенцира дека европеизацијата на нашата земја ќе има позитивни ефекти и за Грција.
Господине Министре, за време на конференцијата на „Економист“ во Атина имавте прв контакт со новата грчка влада, какви се впечатоците?
– Од ова што сега произлегува, фокусот е на имплементација, што е добро, бидејќи тоа е во интерес и на двете држави. Од трите елементи, едниот е дека договорот е дел од меѓународно право, двете држави имаат интерес да се почитува меѓународното право, меѓународното поздравување и фалење на договорот исто така прави извесна вредност, голем кредит стекнаа двете држави и Грција како земја што допринесува кон решение и може да биде лидер за регионот и пошироко. Мислам дека во смисла на влог и инвестиција во зближување и градење на односи на пријателство и доверба, на тоа ќе треба да се работи што е многу природно бидејќи имаме нови луѓе, треба да ги запознаеме, треба да нѐ запознаат и мислам дека нашата мисија во овој период треба да биде, да покажеме, преку имплементација на договорот и однос кон нашиот сосед дека Преспанскиот договор е можност и шанса, а не е товар. Такви беа и моите пораки овде на конференцијата на „Економист“.
Пораките и од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција и од министерот за одбрана за време на нивните обраќања на конференцијата беа позитивни. Мислам дека дури и грчките колеги, новинари на некој начин беа изненадени од ставовите. Очекувавте вакви пораки или можеби очекувавте да бидат повоздржани?
– Договорот е мост кон пријателство, па и стратешко партнерство. Суштински е во интерес и на Грција не само во интерес на Северна Македонија. Во таа смисла, јас секогаш сум внимателен во однос на очекувањата, бидејќи не сакам да бидам изненаден, но мојот главен впечаток е дека главната порака беше сега треба да се фокусираме на имплементација. Мислам дека како ќе се зголемува довербата и блискоста и со новите одлучувачи во Атина, така и кај нив ќе станува јасно тоа што е добро за нас е добро и за Атина. Како што нас сега ни е јасно дека една политички стабилна и економски успешна Грција, е добро за нас како сосед и мислам дека тука ќе треба да вложуваме и да се гледаме често.
Очекувате да се гледате често? Претходната влада на СИРИЗА беше отворена за средби, за посети. Очекувате да се задржи овој ритам и понатаму? Со Дендиас не се видовте бидејќи е во САД…
– Ние кога се слушнавме му спомнав дека сум поканет на конференцијата и дека ќе дојдам и заедно констатиравме дека ќе биде убаво и да се видиме. Тој беше дали еден час во канцеларијата, не си го знаеше распоредот, меѓутоа сега е на средби во Вашингтон и не е во земјата. Но, убеден сум дека ќе имаме набрзо нови прилики, можеби веќе на 29 август на „Гимних“ состанокот во Финска. Така што, сега не можам да претскажам со каква динамика ќе одат контактите и средбите, но како соседи мислам дека ќе има прилики и ќе има потреба од контакти, средби и посети.
Вниманието за европската перспектива на земјава е насочено кон октомври. Какви се Вашите очекување во однос на ставот на Грција? Пред да дојде Нова демократија на власт постоеја стравувања дека е можно да блокира, меѓутоа сега, пораките се некако поразлични, позитивни. Очекувате поддршка од Атина?
– Завчера имаше изјава од портпаролот на владата тука, изјава што беше коректна и позитивна во однос на почетокот на пристапните преговори и одлуката што ја очекуваме од ЕУ во октомври. Мислам дека ако го направиме тоа што досега го зборувавме, не само што нема да треба да се плашиме од блокади, туку можеби ќе имаме право да очекуваме и помош и поддршка, бидејќи нема ништо поприродно од поддршката на соседот. Тие се во ЕУ ние не сме, сакаме да го почнеме тоа важно патување …
Имаат искуство…
– Имаат искуство и Грција ќе има многу погодности и позитивни ефекти од европеизацијата на нашиот бизнис, на силината на нашата економија, на една предвидлива пријателска европска демократија на нивните граници. Јас се надевам дека Грција ќе биде поддржувач на нашата европска иднина и ќе работам во тој правец.