На покана на Демократското партнерство на Претставничкиот дом на САД (ХДП) претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска ја продолжува работната посета во Вашингтон, САД, каде учествува на дводневниот Парламентарен форум за лидерство што започна вчера.
Во парламентарната делегација е и потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Како што соопшти собраниската прес-служба, дводневниот Парламентарен форум за лидерство е фокусиран на демократското обновување за борба против заедничките закани за демократијата. Исто така, во рамките на форумот, претседателот на Собранието Џафери и пратениците ќе остварат и билатерални средби со колегите од Конгресот и Владата на САД.
Програмата на ХДП е организирана од Националниот демократски институт (НДИ), со поддршка од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и во партнерство со Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
На оваа програма од високо ниво, покрај Собранието на Република Северна Македонија, поканети се да учествуваат и дваесет партнерски парламенти на ХДП.