Општина Кочани доби 20 милиони денари за сообраќајно поврзување на селата Оризари и Гратче

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој одобри финансиска поддршка на Општина Кочани во износ од 20 милиони денари, со кои ќе се реализира сообраќајно поврзување на селата Оризари и Гратче со градот.

Со парите ќе се изградат нови улици што ќе претставуваат алтернативна врска до двете населени места, а во реализацијата на проектот со свои буџетски средства ќе кофинансира и локалната самоуправа.

– На барањето на Општина Кочани за реализација на овие проекти, Агенцијата одговори позитивно со одобрување на целосната побарана сума, што всушност претставува максимален износ на средства според распишаниот повик. Планираното учество на Општината е во висина од близу 4,2 милиони денари. Ова е уште еден чекор што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според стручните служби во Општината, по изборот на најповолен понудувач за реализација на оваа инвестиција, ќе се работи на изградба на дел од улицата „Енгелсова“, што води кон Оризари, како и на изградба на улицата „Мишо Арсов“ кон месноста Пресечена Скала, што излегува на главниот пат до селото Гратче. Должината на двете сообраќајници е околу два километри.

Реализацијата на овие проекти е овозможена со мерката Развој на јавната инфраструктура во рурални средини преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *