Вработените во Мајчин дом Битола се обучуваат за трансформација на нивната установа

Вработените од Домот за доенчиња „Мајчин дом“ Битола се подготвуваат за целосна трансформација на институцијата. Денеска и утре учествуваат на обука чија цел е персоналот да се подготви за претстојните промени со кои згрижувањето во институција ќе премине во давање услуги во заедницата на доенчињата и децата кои ќе бидат деинституционализирани.

Обуката на вработените треба да заврши наесен, а е организирана од Министерството за труд и социјална политика со поддршка од УНИЦЕФ и Британската амбасада.

МТСП соопшти дека со досегашниот процес на деинституционализација во „Мајчин дом“ Битола за две третини е намален бројот на деца кои престојуваат во оваа институција.

– Наша цел како Министерство е на сите да им најдеме топол дом. Истовремено, обезбедуваме квалитетни услуги на локално ниво кои ќе бидат поддршка на згрижувачите, биолошките родители и на децата. Вкупниот број на деца сместени во институции е намален за 75 проценти, а наша главна заложба е сите деца да ги извадиме од големите безлични институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето квалитна база на згрижувачки семејства, децата повеќе не се згрижуваат во гломазните установи, соопшти МТСП.

Обуката која почна денеска опфаќа и развивање и подобрување на меѓусебната комуникација и разбирање, зајакнување на тимскиот дух, но и полесно приспособување во нови работни опкружувања.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *