Средба на Димитров со заменик-генералниот секретар на Службата за надворешни работи на ЕУ

Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска оствари средба заменик-генералниот секретар на Службата за надворешни работи на ЕУ (EEAS).

Средбата се одржа во рамки на состанокот на политичките директори за еврoпски прашања на земјите од Западен Балкан, чиј домаќин беше Министерството за надворешни работи на Македонија.

Фокусот на разговорот, како што соопшти МНР, беше ставен врз европските перспективи на Македонија и на земјите од регионот, а во пресрет на очекуваниот развој на настани во рамките на Унијата во првата половина од 2018.

Тоа е објавувањето на Стратегијата на претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер за проширувањето на ЕУ во февруари 2018, извештаите на ЕК за напредокот на земјите во април 2018 и самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ – мај 2018 година.

Димитров го запозна соговорникот за постигнувањата на Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските односи.

– И покрај секојдневните предизвици, охрабрен сум од реформското темпо во дел од клучните сектори на нашиот европски пат. Ја искористивме кризата за да пораснеме и пред нас е перспектива која не смееме да ја пропуштиме. Имаме шанса за сериозен исчекор, истакна Димитров.

Тој се осврна и на плановите и очекувањата на Владата за периодот што претстои. Ја истакна потребата од поддршка за Македонија од страна на европските лидери, институции, како и од и државите членки, со цел постигнување на заложбите за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *