Чавушоглу: Ракетниот систем С-400 ќе биде активиран до почетокот на следната година

Нема потреба од непотребни тензии. Тоа веќе е завршен договор, испораката започна и ќе заврши, потенцира денеска министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, за напредниот руски „Триумф“ противвоздушен ракетен систем С-400, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе влијае на односите со САД и со другите сојузници во НАТО набавката на овој руски систем, Чавушоглу потенцира дека Турција имала потреба од С-400 заради својата безбедност и тој ќе биде активиран до почетокот на следната година.

– Оваа тема не сакаме да ни претставува проблем ниту со САД, ниту со другите земји, затоа што ние сме независна и суверена држава, изјави Чавушоглу, додавајќи оти тој систем е за противвоздушна одбрана, а не систем за напад. – А вие ги знаете заканите во нашиот регион, посочи тој.

Во таа насока, Чавушоглу се осврна и на изјавите дадени од генералниот секретар на НАТО и неговиот заменик, кои, како што рече, велат дека секој сојузник може да набави таков одбранбен систем од каде сака и Алијансата нема став за тоа.

– Системот што го набавуваме не претставува закана за системот на НАТО, а вклучувајќи ги и воените авиони Ф-35, ќе биде под целосна контрола на Турција. Ќе се користи во моментот кога ќе имаме потреба од безбедносна одбрана, изјави Чавушоглу, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на нашата држава.

САД се противат на набавката на руските системи С-400 од страна на Турција и се заканија со воведување санкции кон Анкара доколу не се откаже од договорот со Москва. Најавените санкции, меѓу останатото, предвидуваат и исклучување на Турција од програмата за набавка на авионите-ловци Ф-35 од американско производство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *