Жителите во централниот дел на Тетово се соочуваат со појава на прекини во водоснабдувањето, но од комуналното претријатие велат дека вода има доволно и дека единствена причина се дефектите во цевководната мрежа.
Дел од граѓаните кои живеат во близина на општината велат дека неколку дена вода немаат од 10 до 12 часот.
– Вода ова лето има доволно и на оптимално ниво е капацитетот. Во моментот има 500 литри вода во секунда што ги задоволува потребите на градот. Во овие бројки не е вклучена и дополнителната количина од новиот водоснабдителен систем, изјави Самедин Абедини од работната единица Водовод и канализација при Јавното комунално претријатие Тетово.
Тој потенцира дека нема рестрикции, туку прекините во водоснабдувањето во некои населби се поради честите дефекти.
– Секој ден има по некој дефект на мрежата, поради дотраеност пукаат цевките. Обично прекинот во водоснабдувањето трае неколку часа, во зависност од видот на оштетувањето на водоводната цевка и замена на истата. Во просек има два до три дефекти на разни позиции во градот, вели Абедини.
И покрај доволните количини вода сепак од Јавното комунално претпријатие Тетово, апелираат водата да се користи рационално и да не се троши за полевање зелени површини, улици и тротоари.