Претставници на ОМД на средба со министерот Димитров во Вашингтон

Претставници на Обединета македонска дијаспора (ОМД) имаа едночасовна средба со министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров, кој е во посета на Вашингтон.

На средбата, како што се наведува во соопштението од ОМД, биле разменети ставови и мислења околу моменталната ситуација во татковината, како и поважни прашања за националните стратешки интереси на Македонија, спорот со Грција околу разликите за името, македонските малцинства во соседните држави, евроатланските интеграции, правата на граѓаните на Македонија во дијаспората и реафирмирање на идејата за воведување на електронско гласање на дијаспората, како и билатералните односи Македонија – САД.

Делегацијата на ОМД ги повторила, како што стои, јасните ставови за прекин на разговорите под покровителство на ОН околу разликите за името со Грција, несогласувањето со можноста за референдумско изјаснување по евентуален предлог, и побара зголемен ангажман околу грижата за македонското малцинство во соседните држави. Исто така ОМД изразила загриженост за носење решенија без национален консензус за прашања од национален интерес на Македонија.

Делегацијата на ОМД, се посочува, ја потенцираше важната улога на македонската заедница во САД за подлабочување на односите помеѓу Македонија и САД, и зголемување на конгресната група за Македонија, која во моментот брои 35 членови на Конгресот.

Во среда, во организација на Атлантскиот совет на САД, ќе се одржи конференција под наслов „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“, на која ќе учествуваат претставници на ОМД, а министерот Димитров ќе одржи говор на тема „НАТО на Балканот: Обезбедување на границите на турбулентни времиња“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *