Заев: Очекувам да продолжи пријателството со Грција и стратешкото партнерство согласно Договорот

Договорот со Грција е историски затоа што обезбедува целовитост на државата, интеграција и економски бенефит и перспективи за сите. Сите нашата земја ја користат како светол пример за мотивирање на другите земји. Нашата земја и сите граѓани треба да се горди, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за телевизија Клан Македонија.

Во однос на Договорот од Преспа, премиерот Заев посочи дека очекува да продолжи пријателството со Грција и стратешкото партнерство согласно Договорот, оценувајќи дека и новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис е прилично внимателен по ова прашање.

– Неговите ставови се дека договорите се ратификувани во двата парламенти на двете земји и дека секако, ако некоја од страните не ги исполни своите очекувања ќе има реперкусии, истакна Заев.

Првиот разговор, со новиот грчки премиер Мицотакис, Заев го оцени како пријатно задоволство.

– Ние прозборувавме пријателски. Испративме пријателски пораки. Јас посакав благодет и просперитет на грчките граѓани и Република Грција, како наш сосед. Премиерот Мицотакис, посака да се видиме како пријатели и да работиме во интерес на граѓаните, посочи Заев.

За опозицијата и ставот на Христијан Мицковски дека тие направиле 95 проценти од Договорот со Бугарија, Заев рече дека не го потпишале зошто немале храброст, бидејќи ги интересирало само политички рејтинг.

– Вистински државници во историјата на светот носеле храбри одлуки без разлика на своите политички кариери. Јас сум премиерот што донесе одлуки за нашата земја конечно да ги исполни своите стртаешки аспирации. Јас сум премиерот што е најзаслужен што Републка Северна Македонија до крајот на годината ќе бидеме членка на НАТО, изјави Заев.

Нагласи дека постигнале пријателство со сите пет соседи и со храброста на одлуките овозможиле исполнување на евроатлантските аспирации на земјата.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и кога е во опозиција се однесува непријателски кон државата и нејзината иднина и го повика лидерот Христијан Мицкоски, поради тоа што му е обврска, да излезе и да седнат заедно да изнајдат решение за СЈО.

– Се уште ни виси Законот за јавното обвинителство, со решение за СЈО. Ние мора да изнајдеме решенија за вакви прашања, не за Европската Унија. Таа ни даде одличен извештај и ќе добиеме одлука, но зарем треба да го оставиме. На крајот, уште поважно граѓаните, очекуваат да донесеме Закон за јавните обвинители, за конечно во нашата земја да имаме закон со кој ќе придонесеме во реформите во правосудството, изјави Заев.

Посочи дека останатите законски решенија за правосудството се донесени низ преговорите и Поглавјата 23 и 24.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *