Овошните насади уништени, огромни штетите по невремето во Преспа и Охридско

Откорнати дрвја, искршени автомобили и камп приколки, откорнати кровови од куќи и помошни објекти, уништени овоштарници и земјоделски насади, искршени електрични столбови, е само дел од сликата во Долна Преспа по синоќешното невреме, во кое за помалку од половина час опустоши се во овој крај.

Силен дожд, ветер и град ги зафатија селата кои гравитираат кон граничниот премин „Маркова нога“: Штрбово, Наколец, Крани, Долно Дупени и Љубојно, а некои од селата беа и со отсечени патишта. Повозрасните жители велат дека не паметат вакво невреме во Преспанскиот регион.

Според првичните проценки од терен предизвикана е голема материјална штета, но за среќа нема човечки жртви, ниту повредени. Во овој регион овошните насади претрпеле штета од скоро 100 отсто, а првично не може да се каже колкава е штетата на објектите. Скоро 20 часа по невремето општина Ресен уште нема електрична енергија, поради претрпените штети на електричните столбови.

Екипи на јавните претпријатија од Ресен, Пожарната служба и ЕВН се на терен работат на расчистување на последиците од невремето. Огромни штети, како што велат очевидци, имало во автокапмот Крани, каде биле искршени камп приколки и автомобили.

Во обиколка на Долно Преспанските села е и градоначалникот Живко Гошаревски придуржуван од министрите за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство Оливер Спасовски и Трајан Димковски.

– На терен сме од синоќа, комуницираме со населението, онаму каде што можеме и каде што има потреба да помогнеме. Наши екипи се на терен, работат на расчистување на последиците од невремето. Медицински тимови беа во обиколка на погодените населени места, доколку имаше потреба да интервенираат, но освен кај исплашени граѓани, немало некоја посериозна интервенција, изјави за МИА Гошаревски.

Силно невреме проследено со дожд и силен ветер синоќа го зафати и Охридскиот регион, односно туристичките населби Трпејца, Љубаништа и автокампот кај „Свети Наум“. Туристите кои престојувале во овие локалитети сведочат за страотна глетка, акде за 20-тина минути имало, како што велат, вистинско „цунами“.

Штета има регистрирано кај камп приколките во „Свети Наум“, авто-кампот Љубаниште, и во Трпејца, но покрај откорнати дрвја, превртени приколки и искршени автомобили не се пријавени повредени лица.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *