Еолското племе Минијци

Минијците се старо еолско племе, кое пред Хомер се иселило од Тесалија во Беотија и ја основало моќната држава на Минијците, со главен град Орхомена. Потекнуваат од Подунавје, носители на Димини културата и минијската керамика, основачи на Троја I и Кирена во Либија. Ја пренеле палеобалканската глосологија на југ на Балканот, ја организирале Архонаутската експедиција.

Во рамките на ова истражување од особено значење се Минијците кои културата на Подунавјето ја пренеле преку Македонија, Тесалија, Беотија, Пелопонез и Егеј па сé до Либија. Во историјата Минијците (Μινυαι, основата μιν, min-јас лично и υος,ios, iios-син, додека υιωνος, iionos-внук) се праисториски народи на Минијскиот Орхомен во Беотија. Своето име на етнос тие го носат според епонимниот крал Миниј (Μινυας). Се смета дека првобитно Минијците живееле во тесалискиот Орхомен или Миниј (Μινυειος), кој се наоѓал на сливот на реката Енипеј во Пенеј, во близина на Кранон, и долго време биле поистоветувани со едно пелашко племе, заедно со Лапитите и Тироидите.

Меѓутоа, Томсон (1954 година, 124-135), како и многу подоцнежни истражувачи, сметаат дека воинствените Минијци биле посебен етнос и дека мигрирале од Подунавје во II милениум пред Христа, а што може да се следи преку археолошките наоди. Од Подунавје, Минијците оделе кон југ по долината на Повардарјето (Аксија) и источните падини на Олимп, или преку Епир, и стасале во југоисточниот дел на Еолија, т.е. Тесалиската Рамница. Подоцна се прошириле сé до Коринтскиот Залив и Елада на Пелопонез.

Се тврди дека Минијците се носители на палеобалканската гносологија од подунавските простори кон југ и тие се творци на културата Димини, по истоимената локација во Тесалија. Шахермер (Schahermeyr) (1964 г.), исто така, истакнува дека Минијците својот нехеленски глосолошки супстрат го внеле во античкиот јазик на античките Грци и дека тие мигрирале околу 2000-1900 г. пред Христа од север кон Елада, од некој дел на Балканот или од просторот на Дунав. Денес во Тимочка Краина во Србија постои гратче Миничево.

Во митологијата се наведува дека првиот крал на тесалискиот Орхомен (Ορχομενος, од зборовите: ορχος, orhos-ред, клада и μενος, menos-јунаштво, сила), или Ерхомен (Ερχομενος од ερχομαι, erhome-да доаѓа), бил Андреј (Ανδρευς), син на богот Пениј, истоимена река во Тесалија (Еолија). Негов наследник бил Етиокле (Ετεοκλης, од зборовите ετεος, eteos-навистина и κλης, kles-назив). Оваа династија исчезнала по 2000 година пред Христа, по некои земјотреси и разурнувања.

gejgej2

Градот Орхомен

Новата династија на Минијците ја основал Миниј кој бил син на Посејдон. Тој го преместил своето седиште од Тесалија во Беотија и на устието на реката Кефис во езерото Копаис го основал новиот град Орхомен. Миниј станал творец на моќна, богата и славна праисториска држава на Минијците. Неговите наследници, исто така, биле славни како што биле кралевите Орхомен, Климен и Ергин, кој бил и освојувач на Теба. Клименовите синови Трофон (Τροφωνιος) и Агамет (Αγαμηδης) биле прочуени архитекти на тврдини, храмови и ризници. Во археологијата е позната „Минијската ризница“ која претставувала огромна куполеста градба. По својата монументалност можела да се спореди со египетските пирамиди (Срејовиќ и сор. 1992 г., 226).

Заради својот придонес во културата, по ова племе од Подунавје, културата на среднобронзениот период на југот на Балканот била наречена Минијска култура. Бидејќи бил употребуван посебен облик на керамика, претежно темни облици на бели површини, како што се меандри и спирали, Шлиман (Schlimann) (1878 г.) ја нарекол минијска керамика. Во Димини групата на античкиот грчки неолит покрај керамиката, која ја обележуваат вази со особена декорација и облици, се јавува и пехар на ногата кој се смета за типичен облик и за извесна група вази на подунавските праисториски локалитети.

Во археологијата Минијците се познати и по мегалитските утврдувања на населбите, наспроти некогашните отворени населби. Во Димини меѓу градбите првпат се појавува тип на „мегаронска куќа” која како најстар тип на овој вид во Европа се појавува и на локалитетот Вучидол на Дунав (Тасиќ, 1995 г.).

Градбата „мегарон“ (μεγαρον од μεγας, megas-голем, огромен, силен; зборот припаѓа на балканската палеоглосологија со неелинско потекло) била составена од две соби во континуитет. Според Папаставро (1972 г., 16), првата соба имала трем на столбови (Προδομος, prodomos-претсобје), додека другата соба (δομος-дом, сала, светилиште) во центарот имала тркалезно огниште и два дрвени столба, држачи на кровот. Авторот смета дека носители на културата Димини биле првите индоевропски народи кои мигрирале во Тесалија од север и дека биле сродни со оние кои го изградиле првиот град Троја, каде се појавуваат куќи од типот „мегарон“. Троја I се лоцира околу 3200-2600 година пред Христа.

Поголемиот број истражувачи се сложуваат дека Минијците не биле Хелени, дека мигрирале од северниот дел на Балканот, поконкретно од Подунавје. Во митологијата, исто така, се истакнува дека кралот Миниј имал четири ќерки: Климена, Периклимена, Етеоклимена и Персефона. Тие биле прочуените Минијади (Μιναδες) кои богот Дионис ги претворил во лилјаци. Од минијската женска линија потекнуваат многу славни кралеви на праисториската Елада. Пред сé, тоа е Нелеј (Νηλευς) основач на Пил на Пелопонез, татко на Нестор, херој во Тројанската војна, како и потомците на Нелеј.

По доаѓањето на Дорците во XI век пред Христа тие побегнале во Атина и тука ги дале славните атински семејства Пезистратиди и Алкменоиди, Пајониди и Кордиди, на кои припаѓаат Солон и Платон (Томсон, 1954 г., 126). Кордидите биле водачи на миграцијата на Јонците на Атика во малоазиска Јонија. Брат близнак на Нелеј бил Пелиј (Πελια), крал на Јонците во Тесалија, оженет со Минијката Филомаха, внука на ќерката на Минија Персефона. Пелиј владеел со Јолк до доаѓањето на Иасон (Јасон), внук на Миниј. Пелиј го убиле родените ќерки. На натпреварите во негова чест учествувале многу познати јунаци, како што се: Орфеј, Пелеј, Херакле и др.

Минијската култура својот најголем зенит го постигнала околу 1400 г. пред Христа. Нејзините архитектонски и други достигнувања имале големо влијание на микенската и целата егејска култура во поглед на изградбата на утврдувањата (акрополите), мегаронските куќи, новите орудија и оружја, поинаквиот начин на облекување (специфични кабаници-хламиди, лесни, раскошни и скапи костуми итн). Покрај тоа, Минијците вовеле употреба на килибарот, градењето големи бродови со педесет весла итн. Минијците од Подунавје воспоставиле добри односи со своите соседи: Пелазгите, Магнетите, Лапитите, Тироидите, Македонците и др., како и со Лимнеите, Тројанците, Микените, Криќаните и др., што се потврдува и со археолошките наоди на минијската керамика во овие области.

gejgej3

Древен календар

Со своите бродови Минијците пловеле по Егејското и Црното Море сé до Колхида, на чија основа настанала приказната за „златното руно“ на божествениот овен, а и приказната за Аргонаутите. За минијското потекло на Аргонаутите постојат многубројни податоци како од Аполониј од Род (I, 229), така и од Раусаниј (IX, 36,3) каде, меѓу другото, се тврди дека Фрикс бил правнук на Миниј, а, пак, Јасон бил потомок на ќерките на Миниј. Фрикс бил син на кралот на Орхомен, Атамас (Αθαμας) и неговата жена Нефеле, (Νεφελη) и брат на Хела (`Ελλη). Во Фрикс се заљубила неговата тетка Бијадика, жената на кралот Кретеј. Кога тој отсечно ја одбил, таа го обвинила дека се обидел да ја силува.

Заради тоа народот во Беотија побарал смрт за Фрикс. Кога требало да биде жртвуван, Зевс или Хера го пратила крилестиот златен овен кој долетал да му помогне на Фрикс. Момчето со сестра му Хела се качиле на грбот на овенот и одлетале на исток кон Колхида, каде Хелиј (Сонце) ги чувал своите коњи во штали. По патот Хела ја фатила вртоглавица, изгубила рамнотежа и паднала во клисурата меѓу Европа и Азија, која според неа била наречена Хелеспонт.

Фрикс го продолжил летот, стасал во Колхида и веднаш го жртвувал овенот на Зевс. Неговото златно руно станало славно една генерација подоцна, кога Аргонаутите тргнале во потрага по него, во 1225 година пред Христа. Сето ова е минијска легенда за златното руно и Фрикс.

Најдобри податоци за минијското потекло на Аргонаутите, сепак, забележал Херодот (IV, 145 и понатаму) во врска со инцидентот кој се случил меѓу Спартанците и Минијците на Тајгет: „…Пелазгите, …ги протерале потомците на Аргонаутите од Лемно, а тие оттаму отпловиле во Лакедемон и, задржувајќи се на Тајгет, запалиле оган. Забележувајќи го тоа, Спартанците пратиле гласници за да дознаат кои се и од каде се. Кога гласникот ги прашал, тие му одговориле дека се Минијци, дека се внуци на Аргонаутите кои се задржале на Лемна и ги изродиле нив…

Спартанците со задоволство ги примиле Минијците и им одобриле да се населат каде што сакаат. На тоа посебно биле поттикнати од сознанието дека на бродот Арго биле и Тиндаридите (Кастор, спартански борач и Полидеук, спартански боксер, браќата на Клитеместра и на убавата Елена)… Примајќи ги Минијците во својата земја, им дале земја и ги поделиле меѓу племињата.“ Тиндаридите биле со лелешко потекло. Не минало многу време од нивното доаѓање, а Минијците зајакнале и барале да им биде дадено да бидат кралеви. Заради тоа, некои Минијци биле протерани и заедно со спартанскот крал Тера отишле и го населиле островот Калистра во Егејот. Тука Тера повторно станал крал, а според и островот  го добил името Тера (Sandorini).

gejgej4

Меѓу Минијците на Тера бил и нивниот земјак Бат (Βαττος), син на Полимнест, од mинијското семејство Еуфемиди (Ευφημιδης). Овој минијски Подунавец станал основач и крал на големата минијска колонија Кирена во Либија, околу 630 година пред Христа, со која владеел 40 години. Неговите славни потомци Батиади, Аркесилај I-IV и Бат II-IV, владееле со Кирена и по 460 година пред Христа, т.е. околу 170 години.

Со доаѓањето на Дорците на Балканот, најпрво во Тесалија, околу 1124 година пред Христа, а потоа на Пелопонез, во 1104 година пред Христа и во Атика, во 1044 година пред Христа (Ератостен, 275-294 година пред Христа), многу Минијци мигрирале во Мала Азија (Еолија и Јонија) и на егејските острови. Доселениците во Еолија, т.е. и Минијците, биле први кои во подоцнешните векови ја развиле епската поетска  традиција на Хомер. Bruk (1933) смета дека глосолошкиот супстрат на еолскиот јазик е јазикот на Минијците (Томсон, 1954 г., 286), т.е. Подунавците. Томсон (1954 г., 408), исто така, забележува една паралела во митовите за Одисеј и Аргонаутите, па истакнува дека митот за Аргонаутите, од исток на Балканот кон запад го преместиле Минијците, потомци на Нелеј, при нивната миграција на запад на Пелопонез. (Прилог 13)

Една голема група Минијци мигрирале на Кавказ, северно од Асирија во Ермениј, под името Арменци. Херодот (VII, 73) изнесува дека Арменците се потомци на Фригите, односно балканските Бриги. Гревс (1990 г., 154, 12) истакнува дека Арменија значи Ar-Minni, што во негов превод било „висорамнина Минија“. Меѓутоа, сметаме дека етнонимот и хоронимот етимолошки имаат палеобалкански глосолошки супстрат.

Арменци би била кованица од αρ, αρα-ar, ara, што во превод значи навистина, тукушто, токму и Μiνυοi-Minijci, т.е. вистински Минијци. Денес, во јужниот дел на Транскавказија постои Република Арменија или Ерменија, со главен град Ереван. Минијската ономастика постои не само во Азија, туку и на Балканот, како што се Арменохори и Арменово во Македонија, Јарменовци кај Рудник, Јерменовци во Банат, како и градот El Minya во Горен Египет, на левиот брег на Нил, со 200 000 жители и др.

Sh Donco  slave

Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *