Есма Реџепова–Теодосиевска и Ансамблот „Теодосиевски“ се закитени со многу медали, награди и признанија. Тоа е резултат на долгогодишната работа во областа на музиката и песната, на хуманитарен план, на полето на естрадата, како и за афирмирањето на ромската и македонската песна а, исто така, и Република Македонија во светот
Меѓу широкиот опус на постигнувања на Есма на полето на музиката, која е претставена на 20 јазици, ќе ги споменеме следните карактеристични активности:
Во 1959 година заедно со Стево Теодосиевски се преселиле во Белград кога Есма била на 13-годишна возраст и таму останале до 1989 година. Есма, придружувана од оркестарот на Теодосиевски, во Домот на синдикатите во Белград го одржала својот прв самостоен концерт. Од тогаш па до денес Есма, со Ансамблот „Теодосиевски“ имаат оджано повеќе од 15.000 концерти во светот, од кои околу 2.000 концерти се наменети за хуманитарни цели.
Нејзини најпознати песни се: „Чајорије шукарије“, „Зошто си ме мајко родила“, „Џелем, џелем“, „Чекај животе“, „Свадба македонска“, „Давај, давај чичо“, „На сред Скопје тапан чука“, „Со маки сум се родила“, „Стара мајко“, „Клета судба“ и други.
Есма со Ансамблот „Теодосиевски“ првата плоча ја снимила во Загреб и досега имаат снимено 586 дела на плочи, касети и ЦД од кои 2 се платинести, 8 златни и 8 сребрени плочи, имаат 8 часа видеоматеријал за Македонската телевизија, потоа, имаат издадено 108 сингл-плочи, 20 лонгплеј плочи, 32 аудиокасети, 15 компакт дискови, 6 видео ВХС касети, имаат снимено 12 емисии од по 30 минути за МРТВ.
Тие имале безброј настапи во светот, притоа многу странски телевизии во речиси сите земји каде што имале и концерти ја пренесувале македонската и ромската песна. Исто така, домашните и светските средства за јавно информирање ги следат нејзините настапи во целиот овој период од 55 години.
Есма има настапувано во 6 филма и тоа: „Скопје 63“, „Крст ракост“, „Туѓиот татко“, во документарниот филм од прогласувањето на Есма за Кралица на ромската песна во Индија, „Запеј Македонијо“ и филмот „Есма“ во продукција на ЗДФ од Германија. Исто така, во Холандија имаат направено документарен филм за нејзиниот живот.
За долгогодишната работа на полето на музиката и песната, како и за исполнувањето на критериумите на Сојузот на композитори и музичари од поранешна СФР Југославија (СОКОЈ), таа е прогласена за „Истакнат естраден уметник“ и е единствена која во оваа категорија наградата ја добила според заслугите, а не според работниот стаж.
Исто така, во 1976 година, Есма и официјално е прогласена за „Кралица на ромската музика, а Стево за Крал“, во Индија, во градот Чандигар каде се одржал Светскиот фестивал на ромската музика, со учество на претставници од 20 земји од светот.
Од 1960 до 1989 година, Есма и Стево живеат во Белград, а поради големиот број настапи во голем број држави на сите континенти се нарекуваат „граѓани на светот”.
Во 1992 година, на големата западноевропска турнеја е прогласена за „Примадона на европското пеење“ и е единствен фолк-пејач носител на оваа награда.
Албумот на Есма „Кралица на Ромите“ (“Queen of the Gypsies”) е избран помеѓу 20. најдобри албуми според „Светската музика“ (“World Music”);
Има добиено повеќе од 2.000 благодарници за хуманитарна дејност.
Покрај горенаведеното, Есма Реџепова-Теодосиевска е носител и на многубројни награди, медали и други признанија, од кои ќе ги наброиме следните:
– Октомвриската награда на Југославија;
– Наградата „20 Ноември“ со Стево Теодосиевски;
– Сребрен и златен медал од претседателот Јосип Броз Тито за ширење на културата во СФРЈ и во светот;
– Сребрен медал од Црвениот крст на Црна Гора;
– Златен медал за хуманист во Босна и Херцеговина;
– Златен медал на Црвен крст на Југославија;
– Наградата на УНИЦЕФ на Југославија и носител на првиот пасош од детската амбасада во светот;
– Наградата за животно дело на Србија и Црна Гора;
– Златен медал „22 Декември“, во Југославија;
– Во 1995 година е прогласена за Примадона на европското пеење, единствена како народна пејачка;
– Во 1997 година е прогласена за најхумана жена во Македонија;
– Во 2000 година е прогласена за ромска пејачка на милениумот, на „Фестивалот на ромската култура“ во Москва, меѓу 83 земји:
– Во 2000 година е добитник на златен медал од „Светскиот биографски институт“ од САД;
– Во 2001 година, ја доби наградата „Златна бубамара“ за животно дело;
– Во 2002 година, го прослави 45-годишното концертно одбележување;
– Во 2002 година, за првпат е номинирана за Нобеловата награда за мир;
– Во 2003 година ѝ беше доделен „Печат на жена на годината“;
– Во 2004 година, ја доби награда „13 најуспешни“ ;
– Во 2004 година е прогласена за Примадона на оперското пеење;
– Во 2005 година ѝ беше доделена „Бјорнсовата награда”, за најхумана жена и за залагање за правата на жената;
– Од 2005 до 2010 година, Стопанската комора на Македонија ја прогласи за свој почесен амбасадор во светот;
– Во 2006 година, формално беше именувана за почесен претставник на УНХЦР;
– Во 2006 година, ја одржа кралската прослава 50- годишен јубилеј;
– Во 2006 година, по втор пат е номинирана за Нобеловата награда за мир;
– Во 2010 година е одликувана со „Орден за заслуги на Македонија“;
– Во 2011 година, во избор на Националното радио на Америка, е избрана за еден од најдобрите 50 вокали во светот;
– Во 2011 година, ја доби интернационалната награда „Златен чинар“ за мир и пријателство, во Измир, Република Турција;
– Во 2012 година, ја доби државната награда „Мајка Тереза“;
– За 2012 година, меѓу наградените филантропи таа беше како македонски културен уметник и ја доби „Наградата за животна посветеност на филантропското дејствување“;
– Во 2013 година, стана „Национален уметник на Република Македонија“;
– Во 2014 година, го прослави јубилејот „55 години со песната“.
Таа беше закитена со многу награди и признанија, но, сепак, некако најдраги ѝ беа „Кралица на ромската музика“, „Примадона на европското пеење“ и „Милениумска пејачка“.
Есма Реџепова–Теодосиевска беше космополит. Ги славеше сите празници: христијанските – православните поради Стево, католичките по дедо ѝ, муслиманските по мајка ѝ, и еврејските поради почит кон баба ѝ. Одеше во црква и палеше свеќи за здравје, а одеше и во џамија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН