Колефски: Заедно ќе успееме да ги подобриме условите за живот во Пустец

Новоизбраниот градоначалник на Општина Пустец, Пали Колефски, кој за оваа функција беше предлог на албанската владејачка Социјалитичка партија се заблагодари на честитката за неговиот избор упатена од пратеникот во албанскиот Парламент и генерален секретар на МАЕИ, Васил Стерјовски.

-Заедно со Ваша поддршка ќе успееме да ги подобриме условите за живеење на жителите на Општина Пустец. Како што кажавте, Преспа е дарувана од Бога со бескрајни убавини, а за жал во внатрешноста недостасуваат и најмали работи. Се надевам дека Вие, како претставник на македонското малцинство во Собранието, ќе ги браните правата на Македонците во Република Албанија, наведува Колефски.

Посочува дека во неговиот четиригодишен мандат, заедно и во соработка со Владата на Републка Албанија ќе успеат да ја вратат довербата на жителите кон општината.

Стерјовски,претходно му го честиташе изборот на Колефски и го повика да работат заедно за Пустец и за сите Македонци.

-Македонците во огромен број Ви ја дадоа довербата во наредните четири години да ја раководите Општината Пустец. Ме импресионира Вашата изјава во медиумите, дека во Општина Пустец живеат Македонци и дека вие сте Македонец. Тоа е непобитен историски факт: Во областа на Преспа живеат Македонци кои се признати од страна на Република Албанија и се нејзини лојални граѓани, стои во честитката.

Притоа ја наведува неговата поддршка како пратеник, но и поддршката на македонската партија – Македонска алијанса за европска интеграција, за сите проекти за инфраструктурен развој на Општина Пустец, развој на македонската култура и традиции и унапредување на положбата и правата на Македоцните во Општина Пустец.