Дескоска: Не сме раговарале кој ќе биде шеф на СЈО, за тоа решава Советот на јавни обвинители

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска сé уште го очекува предлогот од ВМРО-ДПМНЕ за законот за СЈО, но посочува дека нема да прифати скриена амнестија. Во интервју за „Фактор“ вели дека досега не се разговарало за тоа кој ќе биде нов специјален јавен обвинител, бидејќи за тоа решава Советот на јавните обвинители.

-Во досегашните разговори воопшто не била спомената Катица Јанева, не сме разговарале кој ќе биде нов специјален јавен обвинител. Не сме оптоварени дали ќе биде Катица, дали ќе биде Фатиме, дали ќе биде Ленче или ќе биде некој трет. Немаме ниту право да бираме, бидејќи според нашиот предлог специјалниот јавен обвинител го бира Советот на јавните обвинители. Ќе видиме кој ќе конкурира, и кого ќе изберат, вели министерката Дексоска.

Посочува дека уште на почетокот на годината Владата изготви Предлог-законот за Јавното обвинителство во кој е регулиран статусот, автономијата и надлежностите на СЈО, што беше испратен во Собранието.

-Она што сакаме да го испратиме како порака е дека овој закон треба да се донесе со широк консензус, имајќи предвид дека Законот за СЈО беше гласан од четирите најголеми политички партии во Собранието. Пожелно е и сега да се изгласа со широка поддршка од опозицијата и од тие причини тргнавме во дијалог. Дел од амандманите прифативме, но има еден дел од анадманите кои не можеме да ги прифатиме, а тие претежно се однесуваат на статусот и работењето на СЈО, вели Дескоска.

Министерката нагласува дека не патат од суета дека законот изготвен од работните групи во Министерството за правда треба да биде изгласан. – Доколку ВМРО-ДПМНЕ понуди поквалитетен закон, за кој ќе можеме да обезбедиме консензус, но без спорни прашања кои се појавија во досегашната дебата, ние сме спремни да го поддржиме, додава Дескоска.

Сé што ќе значи квалитет, како што вели, ќе прифатат, но сé што ќе значи обид во некои одредби да се скријат намери да добијат амнестија за одредени кривични дела тоа нема да може да биде ставено како дел од законот.

Работните групи на власта и опозицијата најмногу спорат за членот 105 од законот што го регулира продолжувањето на постапките и судбината на доказите од прислушкуваните разговори.

-Главниот проблем што се јави беше дека СЈО не треба да биде посебен орган, да нема одредени гаранции за нивно самостојно постапување, а најголемиот камен на сопнување беше членот 105 кој се однесуваше на истрагите и обвиненијата што во моментот се водат во СЈО. Имаа барање сите истраги и обвиненија што започнале под 18 месеци да запрат, сите докази да бидат уништени и практично тоа значи амнестија, и таков тип на решение не можеме да прифатиме, вели министерката Дескоска.