Праисториските народи Енхелеи, Пелагонци и Пеонци

 

 

Палеобалканското племе Енхелеи е поврзано со митското доселување на Кадма и неговата жена Хармонија од Беотска Теба, меѓу древните жители на западниот Балкан и борбата со Илирите во XIII век пред Христа. Меѓутоа, тие се интересни од повеќе аспекти, а, пред се’, што припаѓаат на единствениот праисториски свет на Балканот и заради објаснување на подоцнежните односи на западните граници на Македонија во историскиот и подоцнежен период.

********************

Името на Енхелеите доаѓа од палеолингвистиката каде зборот  enhelis, што значи јагула, а ehis – отровна змија. Од ова произлегува дека тие претежно се занимавале со рибарство, односно со лов на јагули и биле “јагулари”

Енхелеите биле западни соседи на Македонците и Бригите и се простирале од Преспанското и Охридското Езеро, долж реката Дрим, до заливот Бока Которска. Јужно, Енхелеите го населувале просторот до Кераунските Гори, односно граничеле со Теспоречаните (подоцна Епирци).

Легендарниот Кадмо, син на фенекискиот крал Агенор, е основач на тврдината Кадмеј и градот Теба во пелашка Беотија, според кажувањата на Ератостен, 1313 година пред Христа. Во длабока старост, Кадмо со својата жена ја напушта Теба и оди во земјата на Енхелеите, а престолот му го препушта на својот внук Пентеј. Доаѓањето на Кадмо меѓу Енехелеите можело да се случи по 1313 година пред Христа.

Во новата татковина тој станал крал на Енхелеите и ги победувал новодојдените варвари Илирите, кои станале нивни северни соседи. По 100 години, т.е. околу 1213 година пред Христа, на Енхелеите им се придружиле и преостанатите беотски Кадмејци, бидејќи биле протерани од страна на Ахејците, од Арг на Пелопонез (Херодот, V, 61).

За религијата на Енхелеите податоците се скудни, но најверојатно како и другите народи на Балканот во тоа време, ги почитувале боговите на Олимп и светилиштата на Додона, во соседната Таспротија. Со доаѓањето на Кадмо, се воведува тетемолатрија (култ) кон змијата, зашто тој “дошол во воловска кола во вид на змија” (Томсон, 1954 година, 80, 180, 2922). Едно од Енхелејските племиња кое може да се следи и низ историскиот период се Десаретите. Нивната земја Дасаретида ги опфаќала областите Црн Дрим, Охридското и Преспанското Езеро и Девол (Папазоглу, 1957 г. 224). Главен град на Десаретите бил  Лихнид – Lihnida, од Лик, Lihnos – светилка, ламба, борина), денешниот град Охрид на истоименото Езеро.

Други племиња познати во историјата се Пенестите, penestes-слуга, надничар, Пирустите и други. За време на македонскиот крал Филип Втори во 358 година пред Хтиста, Десеретите влегле во состав на македонската држава. Во војните на македонскиот крал Филип Петти со Римјаните, 197 година пред Христа и понатаму, се споменуваат многубројни градови во Десеретида, како што се  Енхеланај, Пелиум, Лихнида итнт. (Поливје, V, 108, 2(  се’ до V век по Христа.

Во Пелашкиот свет, Пелагонија (кованица од зборовите pel, pelas-блиску, најблизок роднина, pelagus-рамница, езеро, море и зборот gen, gone-раѓање, род) се наоѓа во сливот на западната притока на Вардар (Aksios), Црна Река и Еригон. Таа ја опфаќа целата денешна леринско-битолско-прилепска (пелагонска) рамница. На запад се граничела со Енхелеите, односно Десаретите, на север со Бригите и Дарданите, на исток со Пеоните, а на југ со Македонците.

Од митологијата се дознава дека епонимен херој на Пелагонците бил Пелагон, дека најголем и најсветол симбол на сите Пелазги бил гулабот (перистера), олицетворен во планинскиот масив Пелистер (peri-многу, прекомерно и stereos-јак, тврд). Во пелашката митологија, божицата на светот Евринома, го зела обликот на гулабица и снела општо јајце од кое излегле нејзините деца: сонцето, небото, земјата, планините, животните, растенијата и др. Заради тоа, гулабот станал сеопшт симбол на мирољубивоста на сите Пелазги и свет симбол на најголемото светилиште на тогашниот свет, пелашкото пророштво Додони, во соседна Теспротија.

 

Карта на древните народи на Балканот.

Друг митолошки симбол на сите Пелазги, кој се наоѓа во Пелагонија се две планини под име Бореј ( voras-север), Ниџе со Кајмакчалан и Бабуна, од “кои дува северниот ветер Бореј”.

Овој “змискоопашест” ветер бил уште еден назив кај Пелазгите за Создавачот (Demiurga) Офион, кој играл и ја оплодил Евринома. Култот на Бореите бил многу раширен насекаде по егејскиот свет. Се верува дека Бореј дувал во зима од планинскиот венец Бабуна, Ниџе и Стримон и дека како пастув ги оплодувал кобилите и ги потопувал бродовите на непријателите, како на пример на Персијците кај Атос и кај магнезискиот брег (Херодот, VII, 189).

Покрај митовите, првите пишани податоци за Пелагонците се јавуваат дури во текот на IV век  пред Христа. Според истражувањата на Папазоглу (1957 година, 199) во прашање се два натписа од Атина, од 365 и 363 година пред Христа, до пелагонискиот крал Менелај. Тоа биле благодарници за воената и финансиската помош која кралот му ја давал на атинскиот стратег Тимотеј во војната против Халкидиќаните и Амфипољаните. Од историски аспект, овие податоци докажуваат дека Пелагонците уште во средината на IV век пред Христа имале своја одвоена политичка заедница, на чело со крал. Во време на зајакнувањето на пеонската држава, Пелагонците политички се приклучиле во нејзиниот состав. Во периодот на јакнење и ширење на македонската држава под водство на Филип Втори Македонски, Пелагонија станала составен дел од  античка Македонија. Инаку, главен град на Пелагонија, исто така, се викал Пелагонија и се наоѓал на левиот брег на реката Еригон. Во наредните векови Пелагонија се споменува на неколку места кај Ливија, Страбон и Диодор, а во врска со римските освојувања на Македонија  и нејзините поделби, наведувајќи дека Пелагонија била центар, четврттата Македонска мерида. Трагата на градот Пелагонија се губи по готските наезди кон крајот на V век по Христа, но останува да постои област Пелагонија во Македонија.

Меѓу праисториските народи на централниот дел на Балканот се вбројуваат и Пеонците, а нивната земја се викала Пеонија. Родоначалник на Пеонците и нивен крал бил епонимниот херој Пеон. Во митологијата Пеон бил син на Посејдон и Хела, татко на Скордиск и Трибал. Според Хомер, Пеон бил лекар на боговите, по кого лекарите на воените херои биле нарекувани Пеониди, а иста придавка имале Аполон и Ескулап. Инаку глаголот peonizo значи пеење свечена воена, борбена песна.

Браќа на Пеон биле Едон (од зборот edis-љубезен, драг и според него тракискиот народ на Стримон и Нест под името edoni, како и истоимената планина) и Алмопа. По неговиот брат, називот го има Алмопија ( almiros-солен и pieo-да се создава, прави, работи) во Долна Македонија. Името на Пеон како божество се споменува многу рано, уште околу 1400 година пред Христа, на глинените таблици испишани со линеарно Б писмо (Ventris, Chadwich, 1956 г., 122).

Пеонците го населувале Балканот јужно од Дардан, меѓу Тракијците, Пелагонците и Македонците. Живееле во средниот тек на реката Аксиј (Вардар), околу Еригон (Црна) и Астибос (Брегалница), во чии води се правело обредното крунисување на пеонските кралеви, како и во долината на Стримон. Меѓу племињата кои се истакнувале биле Агрианите (agrios-суров, жесток, див), кои живееле околу изворот на Стримон и учествувале во  походот на Александар Македонски со 1000 стрелци.

Следат Сирипеоните (siros-јама за жито), кои живееле во рамницата на градот Серес, потоа, Пеоплите, Доберите и др.

Во Пеонија се споменуваат кралевите: Астропевс, Ликеј, Патраи, Никрах, Бастареј, Андолеон, Леон, Допеон и други.

Археолошките ископувања во Гевгелија и Марвинци во Македонија ја потврдуваат нивната висока култура и трговските врски со Мала Азија, а, ппред, се’, со Троја, Јонија и Микена. Многу богатите археолошки наоди во Демир Капија откриле златен и сребрен накит со висока вредност и ковани пари со ликовите на веќе споменатите пеонски кралеви (Микулиќ, 1989 година).

Во Тројанската војна Пеонците биле сојузници со Троја. Хомер во поглавјето за “Составот на тројанската војска” (III, II, 848), за Пеонците вели: “А Пеонците криволуки Пирехмо ги водеше јунакот/, од далечниот Амидон до Аксиј широка река/, Аксиј кој земјата ја оплодува со најубава вода”. По смртта на Пирехмо, поетот во епот (I 1.XVII, 348), за смртта на вториот пеонски јунак Аписаон вели “…И Аписаон, човечки пастир, син на Хипас/, во црниот дроб го рани… тој е од плодната земја Пеонија…”

Главни градови на Пеонија биле Астибо, денешен Штип и Стоби. Други градови биле: Арг, Вилазора (Велес), Карпи (Демир Капија), Евристус, Баргала, Армохиа, Запара, Добер, Астреон итнт. Реки: Аксиј (Вардар), Еригон (Црна), Стримон (Струма), Астибос (Брегалница) тнтн.

За Пеонците и нивните обичаи постојат податоци од Херодот (IV, 33) кој ги обиколил тие краишта. Тој зборува за постоење лавови во Паонија, дека при принесувањето жртви на божицата Артемида ветените дарови ги виткале во пченична слама. Во време на  Персијската окупација на Пеонија, некои нивни племиња давале жесток отпор, па Сириопеонци и Пиплии биле преселени во Фригија, во Мала Азија. По нивната успешна буна, тие се вратиле во Пеонија. Во времето на кралот Филип Втори Македонски Пеонија била приклучена кон античка Македонија.

Интересни се и податоците кои ги дал Херодот (V, 16): “Оние околу Пангејската Планина и Прасиадското Езеро не паднале во рацете на Мегабаз. Тој се обидел да ги покори и оние кои живееле на езерото и тоа вака: во сред езеро се наоѓале дрвени скелиња на високи колци, а пристапот од копното бил овозможен со помош на еден тесен мост. Колците под скелињата, во старо време, ги донесувале сите жители на населбата заедно, а подоцна создавале и таков обичај. Кога некој ќе земел една жена, од планината, чие име било Орбел, донесувал три колци и ги ставал под скелињата; а кај нив секој човек се женел многупати.

Секој имал на скелето по една колиба во која живеел и од која низ скелето еден отвор водел долу до езерото. Коњите и говедата ги хранеле со риба, а риба имало толку многу, што кога ќе се спуштале корпата за ловење риби низ отворот во езерото, по кратко време, кога ќе се извлечела, била преполна со риба…”

Шеснаесет-зрачното сонце со кралската розета во сончевата топка-симбол на античките Македонци и Античкомакедонското Кралство.

Продолжува . . .

Славе Катин