Собраниска делегација на Годишната сесија на ПС на ОБСЕ во Луксембург

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата, Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови на Делегацијата, ќе учествува на 28. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од утре до 8 јули 2019 година во Луксембург.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, главна тема за дискусија на Годишната сесија е: „Поттикнување на одржливиот развој за промовирање на безбедноста: улогата на парламентите“. На Сесијата се очекува учество на околу 300 пратеници од 52 земји учеснички и партнери за соработка на ОБСЕ од Европа, Северна Америка, Централна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка.

Во рамките на Годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и животна средина и Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, пленарна седница и други придружни настани. Во дневниот ред се вклучени прашања во врска со управувањето со миграцијата, борбата против тероризмот и предизвиците поврзани со враќањето на странските терористички борци, заштитата на децата во конфликтните зони, климатските промени, енергетската безбедност, борбата против корупцијата и промовирање на доброто владеење, конфликтот во источна Украина, безбедносните импликации од Брегзит и сл.

Пред пратениците на Годишната сесија на ПС на ОБСЕ ќе се обратат: Фернанд Етген, претседател на Претставничкиот дом на Луксембург, Георге Церетели, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Ксавие Бетел, премиер на Луксембург, Мирослав Лајчак, претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Словачка, Томас Гемингер, генерален секретар на ОБСЕ, Лилиан Мори Паские, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Стени Хоjер, лидер на мнозинството во Претставничкиот дом на Конгресот на САД и еден од основачите на ПС на ОБСЕ и др.

Се очекува на Сесијата да биде усвоена „Декларација од Луксембург“, со препораки за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, упатени до ОБСЕ и земјите учеснички.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *