Нееднаквоста на приходите на глобално ниво се намалува, но, во рамките на секоја земја поединечно, има тенденција на зголемување. Најдобар начин да се справите со неа во земји во развој како Северна Македонија главен приоритет треба да биде растот, а не намалување на нееднаквоста. Со влезот во ЕУ и економијата на Северна Македонија полесно ќе го достигне нивото на земјите од Европа.
Ова го истакнува Луиџи Зингалес угледен професор по претприемништво и финасии на Универзитетот во Чикаго во интервју за МИА на темата за намалување на нееднаквоста на приходите во светот и кои се чекорите за да се дојде до поправедно општество за сите.
-Во земја како што е САД, како подобар пристап прво би ја издвоил борбата против концентрацијата на моќ во многу индустрии, вклучувајќи ја и дигиталната индустрија. Потоа, зајакнување на преговарачката моќ на работниците преку зголемување на минималната плата, или зголемување на моќта на синдикатите за да се неутрализира моќта на компаниите. Во однос на земјите во развој, сметам дека главен приоритет е да се достигне нивото на другите земји. А, тоа може да се случи ако земјата се отвори кон надвор. Знам дека се обидувате да влезете во ЕУ и долги години бевте блокирани поради смешна причина, за името. Но, да се надеваме дека ќе успеете, а со тоа и економијата на Северна Македонија полесно ќе го достигне нивото на земјите од Европа. Значи, главен приоритет е растот, а не намалување на нееднаквоста, вели Зингалес.
Според него, фискалната политика може да неутрализира дел од ефектите на нееднаквоста, сепак, првиот чекор е, вели, на секого да му се овозможи образование и работа и, пред се, поголема и потполна транспарентност во однос на тоа кој што и како има.
-Сигурен сум дека не би сакале да имаме ситуација каде грото од населението живее на социјално од државата. Сакаме земја во која има можности за секого, а тоа, според мене, се постигнува на два начина. Прво, овозможување на подеднакви услови за сите. Не знам точно како е во Северна Македонија, но во повеќето земји, поврзаноста со власта ви дава огромна предност. Тоа е еден од најголемите извори на богатство. Ако ги погледнете луѓето кои се побогати, што мислите, како се збогатиле? Да не го измислисле новиот Apple, или се збогатиле затоа што имаат врски со власта? Политиките на пристрасност се главниот извор на нееднаквост. Потребна е многу поголема и потполна транспарентност во однос на тоа кој што и како има. Бидејќи така ќе нема повеќе корупција, перење пари и проневери. Затоа, сметам дека транспарентноста е најзначајна во овозможувањето на подеднакви услови за сите, порачува проф. Зингалес.
Тој за свој фокус на истражување го има корпоративното владеење со акцент на тоа каде е еден американскиот систем, а предлага и серија на мерки за тоа како тој систем да застане на здрави нозе и намалување на нееднаквоста. Автор е на повеќе студии, а во академската јавност е познат и по неговите две книги „Saving Capitalism from the Capitalists“(2003) и „Capitalism for the people: Recapturing the lost Genius of American Prosperity“(2012). Разговорот за МИА го водевме на маргините од Состанокот на Холандско – белгиската конституенца на ММФ и СБ што се одржа минатиот викенд во Скопје, на кој тој беше еден од главните говорници .