По 10 години прво јавно обраќање на поранешниот грчки премиер Костас Караманлис

Требаше и можевме како земја да побараме и да постигнеме многу повеќе, рече поранешниот премиер на Грција, Костас Караманлис во однос на Договорот од Преспа за време на неговиот говор во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Предизборниот митинг во Солун беше прво јавно обраќање на Караманлис по 10 години, откако во октомври 2009 ги загуби изборите и си даде оставка од позицијата претседател на Нова демократија. Говореше за економијата, за иднината на земјата, но и за надворешната политика и Договорот од Преспа. Рече дека Грција сака добри односи со сите соседи.

-За договорот од Преспа не се потребни многу зборови. Нова демократија со право го критикуваше договорот, правилно направи што не гласаше „за“. Жал ми е само што не се искористи она што го постигнавме во Букурешт во април 2008, а го постигнавме со многу мака, со големи напори и со тешка цена, политичка цена, партиска цена, лична цена. Требаше и можевме како земја да побараме и да постигнеме многу повеќе, истакна Караманлис.

Поранешниот грчки премиер во неговиот 15-минутен говор се осврна и на претстојните парламентарни избори во Грција на 7 јули. Рече дека на земјата итно ѝ треба политичка стабилност и чувство на безбедност и ги повика граѓаните да ја поддржат Нова демократија и лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис.

– Потребен ѝ е силен економски развој, инвестиции, многу работни места и добри работни места. На општеството му треба солидарност, поддршка за оние кон кои имаше помала наклонетост, можности за сите, особено за младите. Но пред сѐ, на Грција и е потребна нова национална самодоверба. Ние Грците имаме потреба, повеќе од било кога, да се врати нашето самопочитување, но за сето ова да се случи, постои еден јасен предуслов: силна влада со јасна програма за четиригодишен мандат. Овој предуслов само нашата партија може да го понуди, влада на Кирјакос Мицатакис кој ќе преземе тешка, но неопходна работа за национална реконструкција, рече Караманлис од партискиот митинг во Солун на кој беше централен говорник.