Шекеринска во Брисел на состанок на Северноатлантскиот совет, средби со министри за одбрана на НАТО земји

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вчера и денеска во Брисел учествува на министерски состаноци на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, втор пат по потпишување на пристапниот протокол за членство на нашата земја во Алијансата. Северна Македонија активно учествува во дискусиите за важни глобални прашања.

Пред состанокот на Северноатлантскиот совет, соопшти денеска МО, Шекеринска разговарала со министерките за одбрана на Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес и на Холандија, Анк Билјевелд Шоутен. И шпанската и холандската министерка изразиле силна поддршка за членството на нашата земја во Алијансата, а министерката Шекеринска изразила очекување дека ратификационите процеси и во овие две пријателски и партнерски земји ќе завршат во кус период.

На средбата со норвешкиот министер за одбрана, Франк Баке – Јенсен, Шекеринска се заблагодарила за ратификацијата на пристапниот протокол во норвешкиот Парламент. Таа истакнала дека надежта и амбициозниот план на нашата држава, како и посветеноста на сојузниците на прашањето на ратификација покажуваат дека истиот може да заврши во рекордно време, односно до декември годинава. Шекеринска и Баке – Јенсен заклучиле дека билатералната одбранбена соработка помеѓу Северна Македонија и Норвешка е на исклучително високо ниво и се заложиле оваа соработка да продолжи да се развива и како сојузници во НАТО – Алијансата.

Инаку, на првата сесија на состанокот на министрите за одбрана се говорело за непочитувањето на Договорот за нуклеарното оружје со среден дострел од страна на Русија.

На состанокот, стои во соопштението, министрите за одбрана повторно ја повикале Русија да ја напушти политиката на непочитување на овој Договор, кој е еден од столбовите за безбедноста на европскиот континент.

Во својата изјава, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во име на министрите за одбрана, истакнал дека НАТО се подготвува за свет без ваков важен Договор, а како мерки кои би биле во сила по 2 август, доколку позицијата на Русија не се промени, ги наведе воените вежби, против-ракетната одбрана и активностите за набљудување и извидување.

Министерскиот состанок продолжува денеска со две сесии, од кои едната посветена на мисијата на Алијансата во Авганистан, „Одлучна поддршка“. Како што е најавено, денеска ќе се реализираат и дополнителни билатерални средби со министри за одбрана на земји – членки на НАТО.

По самитот, министерката Шекеринска ќе учествува на престижниот Бриселски форум, организиран од Германскиот Маршалов Фонд, каде ќе говори на тема иновациите и новиот пристап кон безбедноста.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *