„Виз ер“ лани превезле 1,2 милиона патници во Македонија, очекуваат продолжување на соработката со Владата

Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ ќе одлучи дали ќе учествува на претстојниот повик од македонската Влада за финансиска поддршка за воведување авиолинии откако ќе бидат објавени новите услови за што се подготвува стратегија од надлежните институции.

Договорот на „Виз ер“ со македонската Влада со кој оваа авиокомпанија добива субвенции за реализирање летови, истекува во јуни, а како што изјави денеска Јозеф Варади, главен извршен директор на „Виз ер“ очекуваат соработката да продолжи.

Варади на денешната прес-конференција на скопскиот аеродром рече дека „Виз ер“ има 63 проценти од уделот во авиосообраќајот во Македонија.

Лани превезле 1,2 милиони патници од Македонија, за 20 проценти повеќе во однос на 2016 година. Годинава пак, очекуваат зголемување на бројот на патници за 23 проценти. Од 2011 до 2017 година, „Виз ер“ превезле вкупно 4,1 милион патници од Македонија и отвориле 140 директни и 900 индиректни вработувања. Вкупно инвестирале 400 милиони евра.

Со најавената редовна линија Охрид-Виена, „Виз ер“ ќе нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 држави од двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид.

Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија истакна дека како авиокомпанија со најголем удел во патничкиот авиосообраќај очекуваат „Виз ер“ да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, со инвестирање во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии.

– ТАВ Македонија како и секогаш и понатаму ќе остане фокусирана кон проширување на мрежата на авиолинии, но исто така и обезбедување висококвалитетни услуги за патниците и за клиентите, рече Ерсој.

Годинава, како што потенцира, една од најважните цели е да пречекаат над два милиони патници на аеродромот во Скопје. Повторно очекуваат интезивна летна сезона на аеродромот во Охрид, како и значаен пораст во авиосообраќајот поради најавените нови дестинации кон Варшава, Талин и Ајнховен, но и кон Виена, што неодамна ја најави „Виз ер“ кон која ќе се сообраќа како редовен лет од охридскиот аеродром од ноември годинава.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ерсој рече дека сеуште нема конкретна одлука во однос на изградбата на карго-аеродромот во Штип што е обврска на ТАВ како концесионер на аеродромите.

– Се прават испитувања од страна на институциите, сеуште нема конкретно решение и кога ќе го добиеме ќе постапиме по него, рече Ерсој.

Во однос на евентуалната промена на името на аеродромот „Александар Велики“, главниот извршен директор на ТАВ рече дека станува збор за политичко прашање и оти како концесионер ќе ја почитуваат одлуката на граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *