Повик за солидарност и дејствување на Светскиот ден на бегалците

Денеска 20-ти јуни, се одбележува Светскиот ден на бегалците, ден кога светот се сеќава на тешкотиите на милионите бегалци кои се принудени да ги напуштат своите домови за да се спасат себе си и своите деца.

Ова е и ден за подигање на јавната свест за придонесот што бегалците го даваат на општествата и на заедниците кои ги примаат ширум светот.

На овој Светски ден на бегалците, Министерството за надворешни работи и УНХЦР,  Агенцијата на ОН за бегалци, ја повторуваат заложбата дека ќе ги штитат луѓето кои се принудени да избегаат и ќе ги поддржат во нивната борба за достоинствен живот без страв.

Во солидарност со бегалците, стои во заедничкото соопштение од МНР и од УНХЦР, тврдината Кале од вечерва до крајот на овој месец, со поддршка од Градот Скопје, ќе биде осветлена во сина боја.

– Осветлувањето на тврдината Кале е своевиден симбол на солидарноста и поддршката кон бегалците – една од најранливите категории на луѓе на планетата, од кои половина
се деца. Сината светлина исто така е потсетник на сите дела на солидарност кои македонските граѓани ги имаат покажано кон бегалците во текот на изминатите децении. Се надевам дека овој дух на солидарност ќе продолжи да живее кај нашите граѓани и
ќе инспирира уште повеќе луѓе да ја изразат својата поддршка за бегалците. Ова е особено важно во време кога говорот на омраза и ксенофобијата создаваат вести. Сакаме да демонстрираме поинаков наратив – наратив на толеранција, на поврзаност, на заеднички вредности, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

По повод заедничкото одбележување на Светскиот ден на бегалците во 2019 година, како што се посочува во заедничкото соопштение, претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри, потсетува дека секоја година на овој ден повикуваме на солидарност со бегалците.

– Оваа година го покануваме секој човек, поединечно и колективно, да направи конкретни чекори за да покаже поддршка за луѓето кои немале друг избор освен да избегаат од своите домови. Личниот
пример е најсилниот придонес што можеме да го дадеме за да изградиме подобро и поинклузивно општество во кое никој нема да биде изоставен, вели Сандри.

Светот на солидарност, хуманост и добрина започнува од секој од нас. Во заедничкото соопштение од МНР и УНХЦР, упатуваат повик до сите да се придружат на кампањата на УНХЦР на страницата stepwithrefugees.org за да им покажете на бегалците дека ја имаат вашата поддршка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *