Пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија

Пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), ќе се одржи денеска во Министерството за надворешни работи во организација на Европското движење на Република Северна Македонија (ЕДМК).

На конференцијата, со која ќе претседава претседателката на ЕДМК и координатор на НКЕ-МК, проф. Милева Ѓуровска, ќе се обратат министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и на Република Словачка, Никола Димитров и Мирослав Лајчак, како и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар, претседателот на Комисијата за Европски прашања во Собрaнието на Република Северна Македонија, Артан Груби, вршителот на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република Северна Македонија, Гречен Биркл. За самиот проект ќе зборува раководителот на проектот, Томаж Стражај, од словачката Асоцијација за надворешна политика.

Националната конвенција за Европската Унија беше развиена и успешно применета во Словачката Република како модел за мотивирање на општествените актери да учествуваат во процесот на преговорите со ЕУ. Преку проектот, словачките експерти во текот на речиси две години, колку што трае тој во нашата држава, им ги пренесуваат своите искуства на македонските партнери.

Националната конвенција во нашата земја е организирана како постојан форум за отворен дијалог меѓу претставници на Владата, Парламентот, релевантните државни институции, политичките партии, како и на претставници на универзитетите, стопанствениците, синдикатите, граѓанското општество и другите важни чинители на ЕУ-интегративниот процес во земјава.

Според организаторите, од овој дијалог произлегоа многу анализи и препораки за напредување и приближување на Република Северна Македонија кон стандардите за зачленување во ЕУ. Проектот работи во четири работни групи: земјоделство и рурален развој, социјални политики и вработување, правосудство и основни права и правда, слобода и безбедност.

Во вториот, работен дел на конференцијата, експертите од НКЕУ-МК ќе ги презентираат резултатите од работењето на четирите работни групи, задолжени за поглавјата 11, 19, 23 и 24.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *