Промоција на книгите „Шарени приказни“ и „Девојчиња и момчиња“ на поетесата Ана Бунтеска

Во рамки на активностите за збогатување на културна понуда и промоција на алтернативната арт-сцена во Охрид утревечер ќе се одржи промоција на двете нови детски книги  „Шарените приказни“ и „Девојчиња и момчиња“ на македонската поетеса Ана Бунтеска.

Поетесата Бунтеска своето досегашно творештво го надградува овојпат со дела насочени кон најпребирливата публика и најкритичките читатели – децата.

-После три издадени книги за возрасни, голем предизвик и задоволство ми беше да „спакувам” нешто за оние кои доаѓаат после нас, оние за кои велам дека се помудри и почесни од Нас – големите деца. Мора да сум искрена и да кажам дека со голема трема излегувам пред нив, оти децата не знаат да глумат. Или ќе го прифатат она што им го давам или ќе останат индиферентни. Голема благодарност до мојата вечна инспирација, ќерка ми Аргентина и до сите оние кои овозможија во преубавиот Охрид да се одржи првата промоција на книгите „Шарени приказни” и „Девојчиња и момчиња” во издание на најголемата издавачка куќа за детска литература, „Просветно дело“. Оваа промоција нема да биде со акцент само на книгите, туку ќе ги промовираме и сите оние деца кои пишуваат и сакаат да го споделат тоа на настанот, изјави за МИА авторката Бунтевска.

Ана Бунтеска е  родена на 1972 година во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, а работи во Македонската берза. Има објавено три книги поезија: „Стави лајк на сопствениот живот“ , „Колку е потребно за среќа“ – наградена со „Македонска книжевна авангарда“ и „Да му се насмееш на животот“.  Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Отсекогаш пишува за себе, а од 2014 година решава да го искористи Интернетот како медиум за споделување на нејзините стихови.

Промоцијата ќе се одржи во кафе-барот „Шила“ во Охрид, со почеток од 19 часот. Организаторите на настанот ги повикуваат охриѓани да бидат дел од поетското дружење, активно да учествуваат со презентација на свои дела, да проговорат за инспирацијата што ги тера своите мисли, ставови, видувања да ги стават на хартија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *