Дебата за билатералните договори склучени со Бугарија и со Грција

Дебата „Наративи, минато и иднина: Национализирани историографии во контекст на договорите за регионална соработка меѓу Северна Македонија, Бугарија и Грција“ организира денеска Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).

На дебатата ќе учествуваат историчарите Чавдар Маринов од Софија, Тасос Костопулос од Атина и Ирена Стефоска од Скопје. Разговорот ќе го води Кристина Николовска од Скопје.

Од ЦИНИК информираат дека на настанот ќе биде промовиран и зборникот на текстови „Наративите во полуавторитарни режими: случајот со Македонија“ во издание на ЦИНИК, 2018 година. Зборникот ќе го претстави Петар Тодоров од ЦИНИК. Дебатата и промоцијата се поддржани од фондацијата „Хајнрих Бел“.

– Билатералните договори склучени меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и Грција, одново ги извадија на површина длабоките разлики во поимањето на историските настани од страна на трите општества. Додека двата договора беа поздравени како значаен напредок во регионалната соработка од клучните актери во меѓународната заедница, јавноста во трите земји остана длабоко поларизирана во однос на својата оценка за постигнатите компромиси. Историските митови и наративи за минатото на односите меѓу доминантните етнички групи во трите држави во голема мера ја информираа националната дебата ЗА и ПРОТИВ договореното и сѐ уште претставуваат можна пречка за остварување на подлабока регионална соработка, наведуваат во соопштението.

На дебатата ќе биде отворено и прашањето на идниот развој на историските наративи во контекст на спроведувањето на добрососедските договори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *