Во организација на Националната установа „Охридско лето“ и генералниот спонзор на нашата најпозната и најмасовна музичко-сценска манифестација „Македонски телеком“, синоќа, во катедралната црква „Света Софија“ предавање на тема „Музиката денес“ одржа познатиот македонски композитор, аранжер, продуцент и диригент Емин Џијан.
Уметникот укажа на различните перцепции во музиката, а се задржа и на начините на кои таа се создавала во минатото и денес.
– Се обидов да дадам свое појаснување на одредени проблематики за да можат слушателите на убав начин да ја примат музиката и да можат на некој начин да ја разберат онаа квалитетната или некомерцијална музика, рече Џијан.
Џијан е препознатлив по неговите авторски изрази што претставуваат фузија на различни музички жанрови со изразена дистинкција на вистинската и комерцијалната музика.
– Одговорот на прашањето како може да се разликува квалитетната музика е многу мистериозно. Впрочем и самата музика е најмистериозната појава. Не постои, освен ако не се запише на хартија, но и таа хартија е мртва. Музиката е временска уметност. Самиот концерт или настан што се случува во моментот и дава посебна димензија и само луѓето кои се присутни во тој момент и на тој простор можат вистински да ја уживаат музиката и да ја почувствуваат магијата, бидејќи не е исто како носач на звук кој се слуша дома, во фотелја или во автомобил, појасни Џијан.
Според него, авторот не ја прави музиката за себе туку за луѓето и мора да најде најдобар начин како да ја презентира, за да може публиката да ја открие вистинската вредност на делото, а истовремено и на изведувачот.
– Технологијата денес како и во секојдневието помага и во креирањето музика, но постои страв дека компјутерите ќе ја преземат целата работа. Секако, ние кои се занимаваме со правење музика на традиционален начин, ќе продолжиме да го правиме тоа. Таа борба ќе трае. Светот на квалитетната музика ќе биде во минус, но потоа ќе следи откровение, додаде Џијан.
Директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ изрази задоволство од предавањето, дотолку повеќе што беа изнесени информации за слушателите поврзани со музиката во минатото која всушност е база за се она што се создава денес како квалитетна музика музика.
– Бидејќи и самата доаѓам од светот на класичната музика, сметам дека се ова што се случува денес со новата технологија, иако е многу олеснето, дава друга тежина. Сепак, базата ја сочинуваат Бах, Бетовен, Моцарт, рече Поповиќ.
По предавањето беше одржан и концерт на квартетот на Џијан, во чиј состав членуваат и Гоце Стевковски на тапани, Кирил Кузманов на алт саксофон и флејта и Кирил Туфекчиески на контрабас, врвни мајстори на своите инструменти. На програмата беа авторски композиции на Емин Џијан прилагодени за овој состав.
Охридската публика го памети Џијан по реализацијата на спектакуларните проекти со Дерик Меј во 2014 година, како и со Хуан Аткин во 2018 година, кои настапија заедно со Македонската филхармонија.