Прв состанок на мрежата на Национални превентивни механизми од Југоисточна Европа

Градење на добри практики за начинот на кој се штитат лицата од тортура што даваат информации до Народниот правобранител и од можните ризици од заплашувања и казни е главна тема на денешниот прв состанок на мрежата на Национални превентивни механизми од Југоисточна Европа што се одржа денеска во Скопје.

Целта на состанокот, како што информира народниот правобранител Иџет Мемети е да се подобри соработката и да се воспостави пракса за размена на искуства, да создадат подобра синергија меѓу членките на мрежата, како и да обезбедат меѓусебна поддршка за ефективно исполнување на мандатот согласно Факултативниот протокол за превенција од тортура (ОПКАТ).

Како што посочи Мемети, ова е заеднички предизвик да дојдат до подобри информации за местата на лишување од слобода и можноста на поефикасен начин да ги отстранат ризиците од мачење и тортура.

– Свесни за тоа дека за да добиеме подобри информации треба да се тргне ризикот на лицата што ги даваат тие информации, било тоа да се жртвите или организациите што не информираат нас какви се состојбите, да им го тргнеме ризикот тие да бидат заплашени или казнети од страна на властите со цел да не даваат информации, вели Мемети.

Тој смета дека на овој начин помагаат тој ризик да се намали и како што рече, не може апсолутна заштита да има, но ако сме погласни, ако утврдуваме политики и стратегии кои ќе влијаат да се намали тој ризик и да се убедат властите дека е тоа добро за сите ќе добиваме поквалитетни информации.

– Свесни сме дека во нашите секојдневни заложби треба да превенираме акти на тортура во местата на лишување од слобода, при што информациите ги добиваме и во разговор со жртвите, ризикот од заплашување и репресалии врз лицата и организациите со кои комуницираме, претставува уште поголем предизвик за нашата работа, кој налага потреба од посериозен пристап во дејствувањето. Заплашувањето и репресалиите се сериозни прекршувања на човековите права, рече Мемети.

Прашан дали постојат случаи на тортура во државата, тој вели дека добиваат чести претставки по однос на начинот како постапуваат „униформираните“ лица без разлика дали е тоа надвор или на местата за лишување од слобода.

– Институцијата Народен правобранител најмногу собира докази по однос на постоење сомнение дека се вршени такви дела. За жал државата нема ефективен механизам за добри истраги против таквите полициски постапувања. Сме имале доста случаи каде се обидуваме да штитиме од лошо полициско постапување во затворите каде што жртвите биле заплашени. Сме имале случаи каде и покрај тоа што сме биле информирани дека се случила некоја повреда, жртвата да се повлече или да бара народниот правобранител да не поведе или да не ја тера истрагата затоа што бил заплашен, информира Мемети.

Денешниот состанокот финансиски е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Мрежата на Национални превентивни механизми од Југоисточна Европа е формирана во 2013 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *