Мицкоски е за соработка со Владата за да се добие датум за преговори во октомври

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе го понуди потенцијалот на неговата партија за да се добие датум за преговори со ЕУ во октомври. Рече дека ќе побара поддршка од Извршниот и Централниот комитет да се формираат работни групи кои заедно со Владата ќе ги утврдат проблемите и ќе работат на надминување на сите пречки за, како што рече, барем во октомври да добиеме датум зашто летово не можеме од објективни причини.

Во интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма вечерва тој рече дека не навива за неуспех на државата како што го обвинува СДСМ, и дека прв приоритет на неговата партија е доброто на граѓаните и тие, како што рече, да не бидат казнети поради неспособноста на власта. Не знае дали владата би ја прифатила неговата иницијатива за соработка.

– Загрижен сум за ситуацијата во Македонија, која како држава е во подредена улога. Македонија се води во апокалиптично сценарио, рече Мицкоски, додавајќи дека приоритет не им е „алчноста за власт“ и предвремени парламентарни избори, но е уверен дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и е исклучително подготвена за нив, а тоа, рече, го покажала на претседателските избори.

Во однос на пописот и најавата дека ќе го бојкотираат поради брзо носење на законот, лидерот на опозицијата во интервјуто рече дека инсистираат пописот да се спроведе според регулативата што ја практикува ЕУРОСТАТ која, рече, има јасни насоки, меѓу кои е лицето да биде присутно и најмалку 12 месеци да не ја напуштило државата. За ВМРО-ДПМНЕ пописот, рече, не е „политичка трговија од зелените пазари“, туку реална статистичка операција која ќе  даде одговор каде и како ќе се развива државата во следните десетина години.

-Ова што сега на брза трака се става во Собранието, без учество на опозицијата, е спротивно на она што денеска го слушаме од СДСМ и од ДУИ за европски вредности. Ова ни најмалку не наликува на тоа, туку повторно на една политичка трговија што наликува на зелените пазари. Зоран Заев ги отплаќа долговите на она што го позиционираше таму каде што е веќе трета година, рече Мицкоски.

Во однос на иницијативата за реформа на изборниот модел, рече дека постојат повеќе опции кои може да се разгледаат и дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифаќа ако целта е да биде прифатливо за граѓаните, ако е одржливо и ќе ја олесни работата на ДИК, и доколку одговара на демократските критериуми.

-Мислам дека ќе понудиме решение што ќе одговара на интересите на сите граѓани, а не на политичките елити. Можеме да разгледуваме и отворени листи кои во прва фаза би можеле да се применуваат на локални избори, за да видиме како тоа би функционирало со изборот на советници, а во подоцнежна фаза да излеземе со предлог за таков вид на листи и за избор на пратеници во Собранието. Може да дискутираме и за изборен праг што ќе биде репрезентативен и ќе може политичките партии да се натпреваруваат за да го поминат. Интересно решение е и модел за 120 изборни единици итн, рече Мицкоски.

Опозицискиот лидер не ја отфрла можноста да се репреговара Преспанскиоот договор доколку Киријакос Мицотакис победи на предвремените парламентарни избори во Грција.

-Ако Мицотакис победи во Грција, а тој вели дека ќе ја отвори таа тема, и доколку бидеме поканети – зошто повторно да не седнеме на преговарачка маса и повторно го преговараме Преспанскиот договор кој е капитулантски и штетен за Република Македонија. Тоа нема да го правиме монополизирано како што тоа го правеше двоецот Заев – Ципрас, туку  со сериозна екипа од експерти зад нас. И ние, и другата страна, имаме принципиелна позиција дека овој договор е штетен. Доколку формираме влада, ќе седнеме и ќе го репреговараме договорот, но на сериозен начин, со група експерти кои ќе бидат наша логистика за да го направиме подобар, рече Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *