„Соседи“ документарен филм за правата на лицата со психо-социјални нарушувања

Документарниот филм „Соседи“ денеска беше премиерно прикажан во Кинотека на Македонија, со цел подигнување на свеста за правото на лицата со психо – социјални нарушувања и интелектуална попреченост да живеат во заедница, а кои се уште се соочуваат со маргинализација и социјална исклученост.

-Филмот е долггометражен документарен филм кој три години ја пратеше деинституционализацијата на луѓето со психо-социјални тешкотии во Хрватска. Се работи со луѓе со психички болести дијагнози како шизофренија, манична депресија… и сите страшни дијагнози од кои се плашиме и ги познаваме од хорор филмовите. Се покажа дека тие луѓе се само луѓе, луѓе со свои проблеми со кои мора да живеат и на кои им треба поддршка да успеат во тоа, рече пред проекцијата режисерот и продуцент на филмот Томислав Жаја.

Душан Томшиќ, советник на министерката за труд и социјална полтика Мила Царовска, вели дека филмот служи како алатка за подигнување на свеста и промена во нашето размислување за лицата со ментална попреченост и оти треба да направиме напор тие да живеат нормално во заедницата.

– Ние како Министерство во последните две години го продолжуваме процесот на транформација на институциите и се надеваме дека во наредните години сите луѓе кои се затворени без кривична одговорност во овие институции да продолжат да живеат во заедницата, рече Томшиќ.

Од друга страна, додаде, тоа носи одговорност за државата да изгради системи за поддршка, пред се во делот на социјалата, образованието, здравството… за да може да им се даде на овие лица еднаква шанса да можат да живеат надвор со своите семејства, онаму каде што се родени или каде сакаат.

Проекцијата на документарниот филм е во организација на Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации преку заедничкиот проект „Градење на локален модел за деинституционализација на лица со попречености“.

„Соседи“ ја раскажува приказната на лицата со психо – социјални нарушувања и интелектуална попреченост од Осиек (Република Хрватска), кои после декади поминати во изолација, ја напуштаат институцијата за згрижување и почнуваат независен живот. Филмот се прикажува во рамките на регионалната програма „DOX FOR CHANGE”.