Општина Кисела Вода во соработка со Амбасадата на Руската Федерација одбележа 220 години од раѓањето на Александар Сергеевич – Пушкин.
Во паркот кој го носи името на големиот руски и светски поет се одржа културна манифестација, а за најмладите пуштено беше во употреба ново детско игралиште изградено на иницијатива на градоначалникот Филип Темелковски. Откриена беше и нова спомен плоча со профилот на поетот.
Пред почетокот на манифестацијата делегации предводени од градоначалникот Филип Темелковски и амбасадорот Сергеј Баздникин положија свежо цвеќе пред бистата на Пушкин.
-Денес, кога светот одбележува 220 години од неговото раѓање, заклучокот е единствен – Пушкиновата епоха во која се втемелени зачетоците на модерната руска книжевност, се уште трае. Токму затоа неговиот роденден е и роденден на рускиот јазик, а општина Кисела Вода, преку манифестацијата „Пушкинови денови“, дава свој придонес во неговото одбележување, истакна во обраќањето градоначалникот Филип Темелковски.
Идејата за организирање на ова културно збиднување датира од 2009 година, на заедничка иницијатива од Амбасадата на Руската Федерација и општина Кисела Вода, во знак на продлабочување на културната соработка помеѓу двете пријателски земји.
Во паркот каде што се наоѓа бистата на Пушкин е отворено и ново детско игралиште, со што, како што додаде тој, на најмладите ќе им го направиме ова место уште попривлечно за користење на слободното време.
Рускиот амбасадор во Северна Македонија рече дека во рамките на оваа манифестација ќе биде отворена нова спомен плоча со профилот на поетот која ќе го овековечи овој јубилеј за многу години.
– Нема потреба од дополнителни објаснувања за генијот Пушкин. Тој е најголемиот руски поет, автор на бесмртните дела кои станаа дел на ризницата на руската и светската литература. Основоположник е на современиот руски литературен јазик, не случајно дека на самиот роденден на Пушкин го славиме Денот на рускиот јазик кој последниве неколку години доби меѓународен статус, рече Сергеј Баздникин.
Музеи во многу градови во Русија и во странство се посветени на сеќавањето на Пушкин, а стотици населени места, географски објекти, згради и организации го носат името на поетот.
-Во Скопје тоа се оваа улица и овој парк каде што се наоѓаме сега. И таа традиција продолжува и денес, пред само неколку дена со декрет на претседателот на Руската федерација Владимир Путин најпознатиот меѓународен аеродром во Москва (Шереметјево) го доби името на Пушкин. Во различни градови во Русија и во светот се подигнати десетици споменици на Пушкин. Особено задоволство ни е што меѓу нив е и споменикот пред кој што се собравме, рече рускиот амбасадор.
Манифестацијата „Пушкинови денови“ со прекрасните настапи ја збогатија Руските културни уметнички друштва „Чајка“ и КУД „Славјанка“.
Настанот заврши со проекција на познатиот цртан руски филм „Сказна за цар Салтан“.