,,ЕУ за тебе” со работилница во Берово

Во рамките на кампањата „ЕУ за тебе” денеска ЕУ Инфо центарот и Делегацијата на ЕУ во салата на Бизнис инкубаторот во Берово ја реализираа најавената работилница за механизмите на финансиска под дршка на ЕУ.

Главна цел на работилницата како што појаснија организаторите беше локалните власти, граѓанските организации, асоцијации, земјоделци и бизнисмени да се запознаваат со актуелните можности за финансирање на локално ниво, а воедно и Делегацијата на  ЕУ да добие повеќе информации за предизвиците и ограничувањата со кои се соочуваат засегнатите стрaни на локално ниво.

Пред присутните Никола Бертолини, раководител  за соработка при Делегацијата на ЕУ напомена дека преку фондовите на ЕУ конкретно во Берово се реализирале 13 проекти.

-Во источниот регион преку фондовите на Европската унија се реализирани вкупно 113 проекти од кои 13 во Берово. Вкупниот износ на инвестициите во Источниот регион изнесува близу 34 милиони евра, додека само во Берово преку фондовите на Европската Унија влегле околу 6 милиони евра. Во Берово конкретно е инвестирано во делот на социјалата, инфраструктурата, животната средина и други сектори, истакна Бертолини во своето излагање пред присутните.

Додаде дека една од капиталните инвестиции во Берово која се реализираше во Берово преки ЕУ фондовите е проектот за Рехабилитација на канализационата мрежа во Берово, проект кој е вреден близу 3 милиони евра.

Бертолини се осврна на новата кампања ,,За чисто како дома исто”, за која рече дека е добро да се работи за елиминирање на несаканиот отпад, на затворање на дивите депонии како и на плановите за мобилност во превозот на локално ниво.

Посакувајки и на општината поголем развој Беротолини им порача на локалните власти да не дозволат младите да си одат заради тоа што тие се иднината на овој регион.