Законските измени на следењето на комуникациите се избрзани и не нудат соодветни гаранции

Моделот за воспоставување на Оперативно техничка агенција за следење на комуникациите како предложено законско решение е избрзан и не нуди соодветни гаранции во однос на надзорот и не овозможува заштита од политичка злоупотреба.

Учесниците од граѓанскиот сектор и академската средина на денешната дебата „Како до поголема заштита од неовластено прислушување?“ во организација на Европско движење во Република Македонија,  побараа запирање на законските измени на следењето на комуникациите и враќање на целиот процес одново со цел реформите да бидат систематизирани, а системот доволно издебатиран.

Началник на сектор за евроинтеграции при МВР, Светлана Влаховиќ Димановска, рече дека не станува збор за избрзани и преку ноќ донесени решенија, туку дека нивната работа започнува уште од 2016 година.

– Препораките содржани во двата извештаи на Прибе се инкорпорирани во законските текстови. Вториот извештај на Прибе дава осврт на сите понудени модели и во однос на ОТА се наведува дека истиот може да биде разумна опција доколку претстсавува единствено технички центар и доколку се обезбеди ефикасна контрола, изјави Димановска.

Посочи дека согласно предложените законски одредби ОТА ќе биде самостоен и независен државен орган што треба да обезбеди техничка поврзаност меѓу операторите и овластените органи за следење на комуникациите.

– Техничката поврзаност ОТА ќе може да обезбеди исклучиво и само врз основа на судска наредба. ОТА ќе ги активира и создава техничките услови за следење на комуникациите како за кривичните истраги, така и во постапките за заштита на безбедноста и одбраната. Со ОТА ќе раководи директор избран од Собранието за период од пет години без можност за реизбор, а на предлог на комисијата за именување и разрешување, изјави Димановска.

Александар Нацев од Центарот за безбедносни истражувања, рече дека реформата мора да биде направена смирено, систематизирано и аргументирано.

– Изборот на овој модел што денеска се форсира не беше направен на начин што беше инклузивен и не постоеше некоја дебата во однос на изборот на моделот. Дебатата почна откако моделот беше избран и направена работната група и предлог законите. Голем дел од препораките на Прибе не се испочитувани и неговото суптилно незадоволство може да го видиме низ вториот извештај, каде отворено кажува дека при изборот на ваков модел не се отстранува сомнежот дека би била можна понатамошна политичка злоупотреба на следењето на комуникациите, рече Нацев.

Професорот Гордан Калајџиев, рече дека во правосудството барем имало обид да се направи влијание на пошироката јавност, додека во секторот на внатрешни работи таков обид немало.

– Влада која најавува нов почеток и реформи, почнува со лош старт. Добро е за дел од овие работи да се подигне рачна, ако воопшто е можно. Веруваме дека Владата има проблем со временскиот теснец, за конкретново прашање имаше три месеци каде ништо не се правеше и одеднаш за еден викенд се подготвија пет закони, за кои не сум горд. Не се прават реформи така, и тоа не е демократски и академски, изјави Калајџиев.

Посочи дека се уште немаме изградено интегритет во министерството, а уште помалку во службата, која се уште е практично нереформирана тајна полиција.

– Три стожери се важни за реформата. Едниот е службата да има интегритет, висок степен на професионалност и внатрешни процедури. Потоа се процедурите за прислушување и другите форми на следење. Трети се контролните механизми. Ние немаме реформирана служба и немаме гаранција да веруваме дека ОТА ќе биде нова служба со интегритет. Од километар се гледа дека ОТА е бебе на УБК. Нема гаранција дека тоа тело ќе се издвои од УБК, изјави Калајџиев.

Посочи дека има напредок само во надеж дека ќе има подобра контрола, без никој да го гарантира тоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *