Пробиштипјани се подготвени да ги променат своите навики за селектирање и рециклирање на отпадот, покажа анкетата којашто беше спроведена во овој град во рамките на европскиот проект „БИО ОТПАД“.
Марија Митева од кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип вели дека анкетирани се 120 граѓани, односно жители од седум улици, кои се наоѓаат во непосредна близина на локацијата, каде што е предвидено да биде поставена компостерката. Граѓаните одговарале на 23 прашања, а целта на анкетата е да се добие претстава за познавањата на граѓаните за постапките на компостирање на биоразградливиот отпад во домашни услови, колку и каков отпад селектираат и компостираат и дали, доколку општината има услови и можност за компостирање на биоразградлив отпад, граѓаните би учествувале и кои придобивки ги очекуваат од спроведувањето на активноста за компостирање на биоразградлив отпад.
–Согласно анализите на одговорите на анкетата речиси пола од анкетираните, односно 50, сметаат дека состојбата со отпадот во општина Пробиштип е добра. Сите 120 анкетирани одговориле дека се подготвени да ги променат сопствените навики во врска со управувањето со отпадот заради подобра животна средина и градска хигиена, 2/3 од анкетираните одговриле дека селектираат пластична амбалажа и најголем дел од нив за рециклирање би одвоиле пластични шишиња, батерии и шишиња. 107 од вкупно 120-те анкетирани не вршат компостирање на отпад, а останатите 13 вршат компостирање на остатоците од органски отпад , вели Митева.
Според оваа анкета, 30 отсто од вкупниот отпад, кој го создаваат граѓаните е биоразградлив. Две третини од анкетираните сметаат дека услугите што ги добиваат од општината за собирање на отпад не одговараат на висината на комуналната такса за отпад па од таму намалувањето на постоечката комунална такса за отпад би било поттик за учество во селектирање на отпадот заради негово рециклирање.
–Анкетираните се подготвени да учествуваат во проектот БИО ОТПАД и со тоа да придонесат кон подобра животна средина за општината. Исто така сите се подготвени да ги променат сопствените навики во врска со управување со отпадот заради подобра животна средина и градска хигиена , рече Митева.
Проектот БИО ОТПАД што во моментот се спроведува во општина Пробиштип заедно со научниците и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип претставува пилот проект што има за цел да придонесе кон подобро управување со комуналниот отпад, подобра животна средина и хигиена во градот .