ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ за овие две години стана симбол за неработа, криминал, непотизам и корупција

Зоран Заев ја предводи најнеспособната влада во историјата на Република Македонија. Владата на СДСМ за овие две години стана симбол за неработа, криминал, непотизам и корупција.

Власта потроши 9 милијарди евра Буџет, а ништо нема направено со што ќе го подобри животот на граѓаните. Нема никаква позитивна промена во економијата, напротив сведоци сме на зголемени даноци, акцизи, поголеми трошоци и секојдневни задолжувања.

Во ситуација кога државата ги има најголемите буџети до сега, граѓаните наместо да стануваат побогати, власта ги товари со дополнителни давачки и тие се повеќе осиромашуваат. Како резултат на тоа над 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и едвај врзуваат крај со крај во месецот.

СДСМ со своето расипничко работење и секојдневно задолжување ја надмина психолошката граница од 50% од БДП на јавниот долг на државата, и тој достигна над 5 милијарди евра, но никој не знае каде завршуваат овие пари кои ќе мора да ги враќаат идните генерации.

Додека власта организира настани со кои се фали дека блеска, реалноста е дека Македонија има најнизок економски раст во Европа од срамни 2,05%, а капиталните инвестиции забележуваат катастрофално ниво на реализација. Власта во првите 4 месеци од 2019 година реализира мизерни 9,83% од капиталните инвестиции кои самите ги планирале, и ако продолжат со ова темпо нема да стигнат ни до 30% до крајот на годината.

Уште една потврда дека не блескаат ни говори и тоа што германските стопанственици во Македонија ја оценија со 0 работата на владата во економијата. Германските инвеститори го потврдија фактот дека оваа криминална власт ништо не работи и не е способна да ја води државната економија.

Во овие две години ништо не е сработено, наместо нови болници тие ги доуништија постоечките, нема нови училишта, а студентскиот град остана уште едно лажно ветување. Воедно нема ниту 600 километри нов автопат, ниту пак 550 километри магистрални патишта, а не се способни ниту тие кои ги изгради ВМРО-ДПМНЕ да ги пуштат во употреба.

Република Македонија со оваа власт само уназадува. Граѓаните повеќе не може да живеат во бедата и мизеријата кои ги донесе СДСМ. Потребни се промени и тоа веднаш, СДСМ мора да си замине. Граѓаните и Македонија заслужуваат подобро.